Пред неколку години, „Форбс“ објави листа на десет работни места што најчесто ги работат психопатите. Непосредно пред објавувањето на листата, психологот Кевин Датон објави книга што се занимава со менталните нарушувања и со тоа како луѓето што не се вклопуваат во општеството и имаат целосен недостиг од емпатија функционираат на работното место.
Кевин Датон посочи дека „психопат“ не се дефинира само според холивудската перцепција на овој збор, односно како сериски убијци, туку тоа се и луѓе што не покажуваат или немаат способност да имаат некакви емоции, ниту пак се способни да се идентификуваат или да се поврзат со другите луѓе, пишува „Форбс“. Во заклучокот од истражувањето на Датон пишува дека „психопатите се најзастапени на работни места од областа на технологијата и дигиталната технологија“. Овој психолог од Катедрата за експериментална психологија на Универзитетот во Оксфорд спроведе истражување на жителите на Обединетото Кралство за да открие во кои професии има најголем број психопати.
На прво место се директорите и менаџерите, потоа адвокатите, медиумските личности (со акцент на актерите и музичарите), продавачите, хирурзите, новинарите, полицајците, свештениците, готвачите и државните службеници. На врвот на листата се режисерите. Некои од основните карактеристики на психопатите се егоцентричноста, бестрашноста, студенилото и шармот, кои се исто така тесно поврзани со концептот на успех. Ова е поткрепено со студијата на британското академско списание за бизнис-етика, според кое, психопатите од високоплатените професии, како адвокатите и менаџерите, често се помалку успешни во својата работа од другите колеги. Таквите луѓе заработуваат помалку пари, а нивните врски исто така се помалку успешни.
Од друга страна, Датон креирал и листа на работни места со најмалку психопати. Списокот вклучува: медицински персонал, терапевти, стилисти, луѓе од областа на негата и убавината, професори и наставници, луѓе што се занимаваат со креативно пишување и луѓе вклучени во добротворна работа.