Иако сервисите за емитување музика сега носат огромни пари во музичката индустрија, цедеата сѐ уште не се мртви. Според официјалниот годишен извештај, приходите од продажба на компактните дискови, односно цеде, се зголемиле за 21 отсто, на 584 милиони долари во 2021 година. Ова е прво зголемување на приходите од продажба на цедеата во САД од 2014 година. Тоа е резултат на повторното отворање на музичките продавници и продажбата на цедеа на концерти откако пандемијата на коронавирус запре сè во 2020 година.
Како што беше случај во изминатите 15 години, продажбата на винил исто така продолжува да расте, а приходите пораснаа за неверојатни 61 отсто во 2021 година, на 1 милијарда долари. Ова е првпат продажбата на винил да ја достигне таа граница од 1986 година. Вклучувајќи ги и другите формати, продажбата на „физичка“ музика беше 1,66 милијарда долари во САД минатата година.
Единствениот музички формат што доживеа пад на приходите минатата година беше дигиталното преземање. Продажбата падна за 12 отсто, на 587 милиони долари, што е само три милиони долари повеќе од продажбата на цедеа во 2021 година.