Меморијален музеј „11 Октомври 1941“ Фото - Filip.pere

Знаменитостите на Македонија

Меморијален музеј „11 Октомври 1941“

Меморијалниот музеј „11 Октомври 1941“ се наоѓа во центарот на Прилеп, на улицата Илинденска б.б. Зградата во која е сместен музејот е изградена на почетокот на 20 век. За време на фашистичката окупација (1941-1944 година) овој објект бил претворен во бугарски полициски участок во кој била сместена окупаторската полиција. На 11 октомври 1941 година борците од Прилепскиот партизански одред извршиле оружен напад врз участокот и врз други објекти во градот, со што започнало оруженото востание на македонскиот народ против фашистичкиот окупатор.
На 1 мај 1952 година во оваа зграда за првпат е отворен Музеј на НОВ во Прилеп, а по повод 20 години од НОВ на 11 октомври 1961 година е отворена Постојана музејска поставка. Во 1971 година по повод 30 години од НОВ музејската поставка е проширена и збогатена со нови фотографии, откако во објектот е извршена адаптација. По десетина години започна реновирање на зградата, со што беа овозможени услови за презентација на новата музејска поставка, која беше отворена на 10 октомври 1983 година. За споменик на културата, меморијалниот музеј „11 Октомври 1941“ е прогласен во 2003 година. Музејската поставка, која се состои од фотографии, документи, карти, скици, предмети и партизанска опрема, е сместена во простор од околу 236 квадратни метри, на приземјето во салата 1, како и на катот во салата 2 и салата 3.

Куршумли ан Фото – Tashkoskim

Во салата 1 е прикажана историјата на Прилеп и Прилепско до 1940 година, и тоа преродбенското движење, илинденскиот период, Балканските војни, Првата светска војна и периодот помеѓу двете светски војни. Во салата 2 се презентирани настаните по априлската војна во 1941 година, окупацијата на Македонија, до почетокот на вооруженото востание во Прилеп на 11 октомври 1941 година. Во салата 3 музејската поставка е посветена на настаните од 11 октомври 1941 година, со фотографии на борците што го извршиле оружениот напад на участокот, на затворот и на телекомуникациската мрежа. Во оваа сала се поместени и фотографиите на борците на месноста Црвени Стени и од одредот „Гоце Делчев“. Во музејската поставка стои и списокот на 154 борци носители на „Партизанска споменица 1941“ од Прилеп и Прилепско. На западниот ѕид од салата 3 доминира огромниот мурал на темата „Националноослободителните борби на македонскиот народ“ од прилепскиот ликовен уметник Борко Лазески, а во средината од салата се наоѓа макета на участокот. Во ходникот на катот се поставени указите, повелби на петнаесетте народни херои од Прилеп, како и бистата од бел мермер на Јосип Броз-Тито.

Саат Кула Фото – Петар Ѓорѓиоски

Прилепскиот „Куршумли-ан“

„Куршумли-ан“ е некогашен ан во градот Прилеп, чиј преостанат ѕид денес е прогласен за културно наследство на Македонија. Ѕидот се наоѓа во центарот на градот, на плоштадот „Александрија“, од северната страна на булеварот Гоце Делчев. Во минатото бил големо здание. Анот се споменува во патописот на Евлија Челебија (1660 – 1668), каде што е цитиран денес непостојниот натпис над влезот: „Кога Хеваи го праша светиот дух, еден летописец му рече вака: направи ја зградата полузатворена“. Во 1927 г. германскиот етнограф Леонард Шулце Јена спомнува голем ан, познат како „Куршумли-ан“. Срушен е во 1955 година и денес од него преостанува само источниот ѕид. Според особеностите на градбата, анот датира од 15 век или првата половина на 17 век. Претставувал монументална правоаголна градба. Основата е изработена од масивни делкани камени блокови. Ѕидот има 11 украсни розетни окна од мермер.
Според народните верувања, на анот се појавувале икони изделкани на камени плочи. Според едно предание, тие, наводно, самите доаѓале од храмот „Св. Никола“ во Чепигово, во времето кога тамошниот манастир бил срушен и самите повторно се појавувале дури и кога биле отстранувани и кршени од турските власти.

Саат-кулата во Прилеп

Саат-кулата во Прилеп претставува споменик на културата. Градена е во периодот 1825/1826 година. Подигната од Саид-ага, висока околу 40 м, заедно со столбовите и конусот на врвот достига до 55 м. Реновирана во 1836/37 и 1896/97 година, а во меѓувреме бил поставен часовник во 1858 година. Градители на денешната Саат-кула се мајсторите Христо Тасламиче, Петре Лауцо и неговата тајфа, кои ја подигнале новата кула на местото на старата (дрвена), која изгорела во пожар во 1854 година. Била градена на шестаголна основа со масивни камени блокови со вкупна височина од 38,76 метри, а заедно со столбовите и конусот достигнува 55 метри.
Во долниот дел, на спротивната страна од влезот, има чешма. Над влезната врата има натпис со арапски букви на кој пишува: „Чукањето на саатот не е секогаш означување на времето. За животот и времето што минува саатот жали и вика – Ах“.


Маркови Кули Фото – Ристо Ролeвски

Маркови кули – споменик на природата

Маркови кули се наоѓалиште во централниот дел на Македонија, во непосредната близина на градот Прилеп. На 10 април 2006 година, наоѓалиштето е прогласено за споменик на природата. Составено е од голем број денудациони форми, кои претставуваат извонредна скулптура на релјефот. Оваа феноменална појава на богатство на облици се должи, пред сѐ, на геолошкиот состав на теренот (кој е изграден од метаморфни карпи – гнајсеви, кои се пробиени од помладите гранити – гранодиорити), климата, релјефот и растителната покривка. Според современите геохронолошки испитувања, гранитите интрудирале пред околу 300 милиони години во постарите гнајсеви, чија старост е проценета на околу 700 милиони години. Просторот на Маркови кули, во целина, го сочинуваат поголем број импозантни грамади поврзани во две паралелни низи со правец на протегање север – северозапад, југ – југоисток, чија надморска висина постепено се зголемува од југ кон север. Двете низи грамади во северниот дел се сврзани со највисоките врвови: Златоврв (1422 м) и Липа (1392 м). Низ целиот овој масив се истакнуваат најразновидни форми во вид на врвови и остенци, столбови и запци, печурки, плочи, топки, пештерски и котлести длабнатини.