Костантин Циривири, член на здружението за спасување „Асклепиј“
Здружението за заштита и спасување на планина „Асклепиј“ со години ги опслужуваше двата најголеми ски-центри – Маврово и Попова Шапка, со околу 700 интервенции во една ски-сезона. Како изгледа вашето секојдневие деновиве?
– Оваа сезона ја опслужуваме само Попова Шапка. Во просек во еден ски-центар во една сезона имаме околу 350 интервенции од различен карактер, од лесни повреди како гребаници и луксации, до сериозни и животозагрозувачки политрауми. Постои корелација помеѓу временските услови, бројноста на посетителите и степенот на уреденост на ски-патеките со бројот на повредени. Во високата сезона од 25 декември до 20 јануари, како и во деновите од викендите кога во ски-центрите има повеќе од дваесетина илјади посетители, разбирливо е дека бројот на интервенции на дневна основа е висок. Во изминативе петнаесетина години собравме доволно искуство за да можеме да го предвидиме прецизно секој скијачки ден и соодветно да се подготвиме, како во поглед на бројот на патролери на терен така и во поглед на ангажманот и распоредот на опремата. Еден патролерски ден со повеќе од десет интервенции и лоши временски услови е многу стресен и бара добра обученост на патролерите, но и силна личност и најважно од сѐ висока мотивација за работа.
Од вашето досегашно искуство, кои се најчестите интервенции на спасувачите на планина во зима?
– Најчести се трауматски повреди на долните екстремитети, кои се решаваат со имобилизација и транспорт до медицинскиот пункт во ски-центарот каде што повредените се прифаќаат на натамошен третман од медицински тим и најчесто се транспортираат до ургентните центри. Во услови на лоша видливост (магла, ниска облачност) чести се потрагите по загубени лица, кои зависно од временските услови, ниската температура и ветерот, може да бидат многу сериозни проблеми со краток временски рок за решавање. Генерално, спасувањето во зимски услови е многу покомплицирано од спасувањето во летни услови поради повеќе причини – неповолните временски услови, отежнатото движење поради снегот и пократката дневна светлина.
Маглата неретко е проблем, како и оскудната маркација низ планините, па оттука често се случуваат несреќи, залутани лица, каде најмногу грешат љубителите на планината?
– Кај проблемот со залутани лица, скијачи или планинари на површина излегуваат две групи причини. Прво уреденоста на планинските центри како туристички дестинации со исклучително оскудна туристичка инфраструктура, каде што маркацијата, независно дали станува збор за скијачки патеки или стандардни планински патеки, преставува луксуз и привилегија на ресортот, а не неопходна содржина. Понатаму, степенот на обученост на посетителите на планина или е недоволен или е погрешен. Погрешната едукација е многу поопасна од недоволната едукација. Овие проблеми се решаваат со организирана општествена активност каде што различните субјекти имаат различна улога, почнувајќи од семејството, училиштата, планинските ресорти, економските оператори, клубовите, секако, и спасувачите.
Планинското спасување во својата организирана форма во светот постои околу двесте години. Каде сме ние?
– Ако треба да одговорам искрено и „на прва“ би рекол дека сме триста години назад. Во земјава имаме погрешна системска поставеност на безбедноста на планина, каде што вистинските експерти со огромна километража и докажаност и респект надвор од земјава не се прифатени од домашните институции. Во најдобар случај, по многу инсистирање ќе бидеме „прифатени“ во некоја работна група, комисија или државно тело на крајно маргинализиран начин. Ние како експерти губиме многу помалку од загубата на државата. Се трошат огромни средства и се губи драгоцено време затоа што е поставен обратен систем на вредности, каде што политичкото портфолио или политичката лојалност се многу поважни од со децении докажаната експертиза, што води кон еден порочен круг.
Потребен ли е сериозен системски државен приод кон спасување на планина?
– Македонија е планинска земја со повеќе од 75 отсто од територијата покриена со планини. Ова е почетен и краен аргумент на дебатата за потребата од планинско спасување. Доколку е тешко да им се даде доверба на докажани експерти, може да се следат добрите практики од светот. Притоа не треба да се оди далеку и во различен историски контекст, доволно е да се разгледаат примерите со планинското спасување во Хрватска или во Словенија, каде што е јасно дефинирана улогата на државата, експертите, волонтерите и здруженијата во системот на планинското спасување. Тоа се одлични примери на врвно поставени системи со минимални трошоци за државата и огромен ефект за безбедноста и туризмот. За потребите на планинската спасителна служба во Охрид изработивме студија за одржливост со компаративна анализа на неколку различни примери од светот, но, за жал, веќе две години колегите се мачат да ги убедат донесувачите на одлуки барем да ја погледнат студијата и да се запознаат со нејзината суштина. Во Македонија има доволно експертиза за планинско спасување, потребно е само вистинските луѓе да се постават на вистинско место.
Бонтон на планина
Како наједноставно да се опише еден бонтон на планина?
– Суштината лежи во почитта и познавањето. Планините сами по себе не се опасни за човекот, луѓето се изложени на опасност тогаш кога престојуваат на планина. За да се биде безбеден, но и комотен на планина, како и во кое било опкружување, треба да се познава истото тоа и да се почитуваат закономерностите што владеат таму. Доколку би поставиле еден вид пирамида на планинскиот бонтон, тоа би било вака: општествени вредности – домашно воспитување – едукација – опрема. За жал, денес, не само кај нас, приоритетите се обратно поставени. Постои уверување дека опремата е семоќна и дека е супститут за ниското ниво на едукација или недоволната физичка подготвеност.