Денеска точно во 15 часот беше премиерно прикажан официјалниот спот за евровизиската песна „Circles“ на Андреа.

Спотот е во продукција на Македонската Радио Телевизија, изработен под режисерската палка на Горан Цветковиќ, кој исто така се потпишува и на видео монтажата. Зад камерата работеше Сашо Доковски, додека пак светлото го работеше Сашко Стојановски.

Видео записот за македонската евровизиска песна „Circles“ во изведба на претставничката Андреа е објавен на официјалниот јутуб канал на Евровизија.

Следејќи ја Андреа како урбан лик, спотот е сниман на повеќе впечатливи и препознатливи локации во Скопје, за што Андреа и МРТ упатуват благодарност до Македонска пошта, Македонски железници и Студентскиот дом „Гоце Делчев“.

Во видеото доминира Андреа и природната емоција на нејзиниот лик, држејќи се до својот автентичен стил, кој за потребите на снимањето на спотот го усоврши Цаци Паковска. За шминката беше ангажирана Александра Азманова, додека пак за физурата Даниел Николовски.

– Јас сум искрено презадоволна. Работевме посветено и со овој спот мислам дека покажавме дека не секогаш финансиите се пресудни, за да се испорача квалитетен продукт. Спотот е работен со многу ентузијазам во мошне краток временски период, што го направи искуството уште повозбудливо – вели Андреа.

Таа дополни дека тимската работа и заемната позитивна енергија е она што го однело спотот на едно ново ниво.

– Морам да го пофалам тимот на МРТ кој не ме остави сама во ниеден момент и несебично ми помогна да ја реализирам идејата. Тоа ми покажа дека тие целосно веруваат во мене и проектот – рече талентираната пејачка, која во мај во Торино, Италија, ќе ја претставува Македонија на „Евровизија 2022“.

 

М.Т