Годинашното јубилејно 65. издание на фестивалот „Охридско лето“ беше затворено со европската премиера на театарската претстава „Приказната на Електра“, работена според текст на Сашо Димовски, во режија на Дејан Пројковски, во копродукциска изведба на Театарската асоцијација на Јужна Кореја, АРТЕМА – Театарска лабораторија и националната установа „Охридско лето“. Оваа инсценација на митот за Електра има цел да создаде универзален сценски јазик чија парадигма се потпира на синтезата меѓу силните аудиовизуелни слики, говорот на телото и минималниот јазичен текст.
Митот за Електра, кој во својата основа ја има одмаздата на децата за убиениот татко насочена кон сопствената мајка, одново ќе ги донесе на сцената вечните етички теми што ги тангираат семејните релации, општествените корозии и потребата од катарза.
Дејан Пројковски и Сашо Димоски ја започнаа својата соработка во 2022 година со претставата „Инферно“, базирана на „Пеколот“ од Данте Алигиери, каде што драматургијата е дело на Димоски, а режијата на Пројковски. Оваа мегапродукција на народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес беше високо оценета од публиката и критиката, истакнувајќи ги уникатната визуелна и аудитивна атмосфера. Од тогаш, нивната креативна алијанса продолжи со значајни проекти, кои ја осветлија театарската сцена во Македонија и пошироко.
Во 2024 година, под режисерската палка на Пројковски ја реализираа претставата „Демони“, адаптација на романот на Фјодор Достоевски, која како продукција на Националниот театар во Дебрецин, Унгарија, беше прогласена за најдобра претстава на сезоната во категоријата драма, опера, балет. Претходеше „Собирачи на пердуви“ во 2023 година, претстава базирана на сценариото на Александар Петровиќ од истоимениот култен филм, со драматургија и адаптација на Сашо Димоски и режија на Дејан Пројковски. Оваа мегапродукција на Српскиот народен театар од Нови Сад ја освои првата награда на фестивалот „Театар во тврдината“ во јуни 2024 година во Смедерево. Истата година ја изведоа и претставата „Рацин“, посветена на животот и делото на Кочо Рацин, со текст на Димоски и режија на Пројковски, која имаше премиера на фестивалот „Охридско лето“ и освои три награди на МТФ „Војдан Чернодрински“.
Овие проекти се дел од плодната соработка што Димоски и Пројковски ја негуваат, создавајќи автентичен театарски ракопис што значително го збогатува и развива театарот во регионот, а нивните индивидуални интернационални кариери се препознатливи и наградени дома и во странство. Улогите во претставата ги толкуваат Ким Чоин како Електра/Ифигенија, Ким Сеонг-ми како Клитемнестра/Касандра, Чои Минхјук ја носи улогата на Орест, Јанг Мин Ки е Агамемнон, а Ха Џин е Егист.
Претставата се одигра на големата сцена на центарот за култура „Григор Прличев“.
Полски уметници го затворија музичкиот
репертоар на 65. „Охридско лето“
Репертоарот на класична музика на годинашното 65. издание на фестивалот „Охридско лето“ беше заокружен со концерт на извонредните уметници на хармоника од „Моушн трио“ од Полска.
Нивниот настап во црквата „Света Софија“ се одржа во рамките на традиционалната Полска вечер што секоја година се одржува на фестивалот. Вечерта ја отвори полскиот амбасадор во земјава, Мариуш Бримора.
– Чест ни е што нашите полски уметници ќе бидат завршница на музичкиот дел на фестивалот. Би сакал да ја искористам оваа пригода да им се заблагодарам на директорот и тимот на „Охридско лето“ за целата организација и за тоа што го овозможија овој настан. Уметниците од ова трио ги запознав пред точно 26 години во Чикаго. Јас таму бев конзул, а тие само што ја започнуваа нивната музичка кариера и беа во Чикаго за да настапат на приватен настан. Ми кажаа дека се труделе да заработат повеќе пари за да си обезбедат поквалитетни инструменти. Таа вечер ја воодушевија публиката и од тој настап не само што станаа доволно успешни да си ги дозволат најдобрите хармоники во светот туку и снимија 14 компакт-диска и одржаа стотици концерти. РС Македонија е 45-та земја во која имаат настапувано – рече полскиот амбасадор Бримора.
Полското трио хармоники со името „Моушн трио“ е познато по нивниот специфичен начин на комбинирање на страста што извира од традицијата на музиката од Источна Европа со прецизноста и строгоста на делата на големите класични композитори.
Предводени од Јануш Војтарович, членовите на триото често изведуваат сопствени, оригинални композиции, кои се засноваат на нивното класично музичко образование на Академијата за музика во Краков и на нивната љубов кон традиционалната музика со која израснале. Настапуваат низ целиот свет, а уникатноста продолжуваат да ја градат со имплементација на звуците на рок и техно, со што нивниот нетипичен израз добива сосема нови нијанси.
Членовите на триото сметаат дека единствен начин да се задржи вниманието на денешната публика е да се експериментира со звуците на хармониката и да се извлечат од инструментот звуци што досега никогаш не се слушнати, да се развиваат нови форми со цел да се креира возбудлива музика што ќе продолжи постојано да носи нови изненадувања.