Научниците предупредуваат дека нашата планета се соочува со „фосфогедон“, бидејќи стравуваат дека нашата злоупотреба на фосфорот може да доведе до смртоносен недостиг од ѓубрива, што ќе го наруши глобалното производство на храна. Во исто време, фосфатното ѓубриво исфрлено од полињата, заедно со канализацијата во реките, езерата и морињата, предизвикува широко распространето цветање на алгите и создава мртви зони во водата што им се закануваат на рибните резерви.
Покрај тоа, прекумерната употреба на овој елемент го зголемува ослободувањето метан низ целата планета, зголемувајќи ги глобалното затоплување и климатската криза предизвикана од емисиите на јаглерод.
– Дојдовме до критична точка. Можеби ќе успееме да се вратиме назад, но навистина треба да се здружиме и да бидеме многу попаметни за начинот на кој го користиме фосфорот. Ако не го сториме тоа, се соочуваме со катастрофа, која ние ја нарековме „фосфогедон“ – рече професорот Фил Хејгарт од универзитетот „Ланкастер“.
Фосфорот е откриен во 1669 година од германскиот научник Хениг Брант, кој го изолирал од урината и оттогаш се покажало дека е неопходен за животот. Коските и забите главно се направени од минералот калциум фосфат, соединение што произлегува од него, а овој елемент е присутен во нашата ДНК и во клеточните мембрани.
– Едноставно кажано, нема живот на Земјата без фосфор – објасни професорката Пени Џонс од универзитетот „Бристол“.
Глобалната важност на овој елемент лежи во неговата употреба за помагање на растот на културите. Секоја година низ светот се продаваат околу 50 милиони тони фосфатни ѓубрива, а овие резерви играат клучна улога во исхраната на осумте милијарди жители на планетата.
Меѓутоа, значителни наоѓалишта на фосфор се наоѓаат само во неколку земји: Мароко и Западна Сахара имаат најголемо количество, на второ место е Кина, а Алжир е на трето.
Зголемениот притисок врз наоѓалиштата ги натера експертите да стравуваат дека светот би можел да се соочи со трошење на резервите на фосфор во рок од неколку години, оставајќи многу нации да се обидуваат да го набават за да го прехранат своето население. Велат дека станавме расипнички во користењето на фосфатите што ги ставаме на нашите ниви. Ѓубривото измиено од нив и испуштањата на отпадните води богати со фосфор предизвикале контаминација на водата од големи размери и создале штетно цветање на алгите. Сега се погодени некои од најголемите слатководни езера во светот, вклучувајќи го и руското Бајкалско Езеро, африканското езеро Викторија и езерото Ири во Северна Америка. Цветањата во Ири ја отруја локалната вода за пиење во последните години.
Со фосфорот ископуваме и минерални резерви, но во овој случај ги претвораме во ѓубриво што се мие во реките и морињата каде што предизвикува цветање на алгите. Во двата случаја, овие големи транслокации предизвикуваат планетарен хаос, пренесува „Гардијан“.