Пречекот на Нова година е еден од најпрославуваните празници во светот, но новогодишната ноќ има своја предисторија пред да стане празникот што го знаме и сакаме денес. Прочитајте повеќе занимливости за новогодишната ноќ и повеќе ќе го цените празникот!

Занимливости

Најстариот запис за новогодишните прослави датира околу 2.000 години пред нашата ера во Месопотамија. Историските записи велат дека кон крајот на март, Старите Вавилонци имале религиозен празник наречен Акиту. Таа прослава била поврзана со пролетната рамнодневица, а свеченостите траеле 11 дена. Акиту исто така го обележувал и времето кога Мардук (вавилонскиот небесен бог) ја победил Тиамат (злобна морска божица). Меѓу истражувачите постои мислење дека новогодишните прослави се постари од најстарите записи, имено зборот „акиту“ има сумерско потекло и означува јачмен. Затоа неколку историчари веруваат дека Старите Вавилонци ги презеле новогодишните прослави од Сумер, најстарата цивилизација, оттука првите новогодишни прослави може да се постари за неколку века од првите спомнувања во најстарите записи.
По уништувањето на вавилонската држава, фестивалот Акиту бил присвоен од новата Асирска Империја, кога кралот Сенахериб во 683 година пред нашата ера ја изградил т.н. куќа на Акиту надвор од ѕидините на престолнината Ашур (Асур). Исто така била изградена и друга т.н. куќа на Акиту во Ниневија, еден од најзначајните градови во Асирија. Празникот Акиту продолжил да се прославува и во времето на Персиската Империја, како и во времето на т.н. Селеукидската Империја, држава создадена од наследниците на македонскиот крал Александар Велики. Одредени извори потврдуваат присуство на фестивалот Акиту и во Римската Империја. Според некои записи, во почетокот на третиот век од нашата ера фестивалот Акиту сѐ уште се славел во Сирија во чест на богот Елагабал. Римскиот император Елагабалус, кој имал сириско потекло, дури го вовел фестивалот во Италија.

Мардук и неговиот змеј

Низ антиката, цивилизациите низ светот развиле сè пософистицирани календари, обично прицврстувајќи го првиот ден од годината за земјоделски или астрономски настан. Во Египет, на пример, годината започнувала со годишното поплавување на Нил, што се совпаѓало со издигнувањето на ѕвездата Сириус. Раниот римски календар се состоел од 10 месеци и 304 дена, при што секоја нова година започнувала на пролетната рамнодневица. Според традицијата, календарот бил создаден од Ромул, основачот на Рим, во осмиот век пред нашата ера. Подоцнежниот римски крал Нума Помпилиус е заслужен за додавањето на месеците јануари и февруари. Со текот на вековите, календарот не се синхронизирал со сонцето, а во 46 година пред нашата ера Јулиј Цезар решил да го реши проблемот со консултации со најистакнатите астрономи и математичари на неговото време. Тој го вовел јулијанскиот календар, кој многу личи на помодерниот грегоријански календар што денес го користат повеќето држави во светот. Како дел од својата реформа, Цезар го воспоставил 1 јануари како прв ден од годината, делумно за да го почитува месецот посветен на Јанус, римскиот бог на почетоците, чии две лица му дозволувале да погледне назад во минатото и напред во иднината. Римјаните славеле со принесување жртви на Јанус, размена на подароци еден со друг, украсување на своите домови со лаврови гранчиња и присуство на бурни забави.
Во средновековна Европа, под влијание на христијанската црква, 1 јануари како прв ден во годината бил заменет со денови што имале религиозно значење, како што се 25 декември, раѓањето на Исус, или празникот на Благовештение (Благовец). Папата Григориј Тринаесетти во 1582 година, 1 јануари повторно го воспоставил за Нова година. Д.Ст.


Дочек на Кинеската Нова Година во 1900 година

Кинеска нова година

Кинеска нова година е прослава на почетокот на новата година според традиционалниот кинески календар. Прославата се нарекува и Празник на пролетта или Пролетен фестивал. Секоја година е на различен датум, а паѓа на првата млада месечина од првиот месечев месец, или околу четири до осум недели пред пролетта. Датумот е секогаш меѓу 21 јануари и 21 февруари според грегоријанскиот календар. Традиционално, оваа прослава е одбележана со прослава на едно од дванаесетте животни што се основа на кинеската астрологија. Оваа прослава е една од најважните во Кина и една од најпрославуваните. Се прославува насекаде низ светот каде што живее поголема група на Кинези, на пример во Сингапур, Индонезија, Малезија, Тајланд, Камбоџа, Филипини и Маврициус, како и во многу делови од Северна Америка и Европа. Кинеската нова година е поврзана со неколку митови и обичаи. Прославата е време на оддавање почест на боговите и предците. Во Кина обичаите поврзани со прославата се разликуваат од регион до регион, а вечерта пред новата година најчесто семејствата се собираат на заедничка вечера. Традиција е секое семејство да ја исчисти куќата, со што се исфрла лошото и се прави место да влезе добрата среќа. Обичај е да се украсат прозорците и вратите со фигури од црвена хартија.