Пешачењето е една од најприфатливите и најкомплетни програми за вежбање што можете да ги примените. Освен што е лесно да се облечат патики и да се излезе надвор, оваа едноставна форма на кардиоваскуларни вежби многу им помага на срцето, белите дробови и на нозете. Иако можеби не изгледа дека можете да направите нешто погрешно со вакви вежби, на крајот на краиштата, тоа го правите практично цел живот, деталите навистина се важни. За да постигнете најдобри ефекти, треба да бидете сигурни дека го правите тоа на вистински начин. Така ќе спречите повреди, а наедно ќе го извлечете максимумот од секој тренинг и одење.

Здравствени придобивки од одењето
Сите брилијантни придобивки од вежбањето, подобрување на здравјето на срцето и белите дробови, зајакнување на коските, намалување на стресот во голема мера благодарение на ендорфините и подобриот квалитет на сон, може да се постигнат со редовно одење. Но има придобивки што не ги очекуваме. Пешачењето го подобрува варењето, така што пешачењето од 10 до 15 минути по ручекот ќе направи да се чувствувате задоволно и свежо, наместо да бидете „сити и троми“. А ако го правите тоа надвор, добивате дополнителни придобивки од свежиот воздух, сонцето и емоционалното олеснување што доаѓа од престојот во природа. Секако, пешачењето е одлично и за слабеење и за одржување здрава тежина. Всушност, дури и не мора да ги снимате дневните чекори за да ги видите придобивките. Доколку досега не сте биле активни, можно е да почнете да ги чувствувате придобивките од пешачењето со само 3.500-4.000 чекори дневно.

Зошто е важно пешачењето?
Вистина е дека одењето е изненадувачки сложено движење што бара координација и ангажирање на различни делови од телото, од прстите на нозете до вратот и рамената. Како што старееме, промените во телото може да доведат до промени во механиката на одење. На пример, стара повреда на коленото што повторно се активира и предизвикува болка може да доведе до тоа потсвесно да ја фаворизирате едната нога пред другата. Или, ако имате прекумерна тежина, можете да започнете да одите со поширок став со прстите наведнати нанадвор за да ги поддржите килограмите. Дури и да сте „совршено здрави“ без повреди или други проблеми, тоа не значи дека вашиот начин на одење е правилен.
– Луѓето не секогаш мислат дека постојат правила за одење, исто како што постојат правила за вежби како што се склекови – вели тренерот Лаура Флин Ендрес.
Ако неодамна сте започнале со насочена програма за одење и по неколку недели почнувате да чувствувате болка, проблемот може да биде поврзан со некои од вообичаените грешки.

Гледање надолу
Ако имате навика да го носите телефонот со себе, да проверувате мејлови и пораки додека шетате низ соседството, време е да го оставите телефонот. Одењето со наведната глава може да го наруши правилниот начин на изведување на овој вид рекреација.
– Што и да прави вашиот врат, вашиот грб го следи. Ако погледнете надолу, горниот дел од грбот ќе ви биде заоблен и ќе се појави кривина во долниот дел на грбот. Таквото држење доведува до стрес и замор. Затоа, не проверувајте го телефонот додека одите. Изберете музика или поткаст пред да тргнете, а потоа ставете го телефонот некаде каде што нема да бидете во искушение да го проверите. Потоа, пред да почнете да одите, проверете го вашето држење. Ушите треба да ви бидат веднаш над рамената, колковите, колената и глуждовите – вели Ендрес.

Оптоварување
Вежбите со оптоварување се добри за мускулите, коските и зглобовите, но вежбите со големо оптоварување можат да направат штета ако претерате. Иако пешачењето генерално не се смета за форма на тежок кардиотренинг, ако удирате силно на секој чекор, тие тешки повторливи движења може да почнат да се исплатат.
– Некој притисок е добар кога го тера вашето тело да се приспособи и зајакне. Меѓутоа, ако има премногу од тоа, вашето тело не може да се приспособи. Треба да ја ограничите акумулацијата со газење „меко“, постепено од петицата до прстите. Во суштина, работите да го апсорбирате влијанието на секој чекор, користејќи ја целосната мускулатура на телото за да ја распределите тежината на секој чекор – вели Ендрес.

Прекумерно забрзување
Во обид да го забрзате темпото, можеби ќе почнете да правите поголеми чекори, а не побрзи. Оваа тенденција е природна, но кога станува збор за одењето, таа е погрешна.
– Можеби ќе ве изненади, но има истражување што сугерира дека прекумерното забрзување при одење може значително да го зголеми притисокот врз зглобовите, колената и колковите – вели Ендрес, која советува да се фокусирате на побрза работа со нозете.

Насочете ги прстите кон надвор
При одење, добро е прстите на нозете да ви се насочени право напред, при што секој удар на петицата е во рамнината под колковите. За жал, луѓето со прекумерна тежина и дебелина, честопати неправилно одат, дополнително ги оптоваруваат зглобовите, што на крајот ја зголемува веројатноста за повреди.

Стомакот е исто така важен
Можеби не сте потрошиле време размислувајќи за тоа, но држењето на телото е изненадувачки важно за одржување на правилното одење. Задачата на вашето торзо во секојдневното движење е да му помогне на вашето тело да остане исправено, да ја пренесе енергијата од долниот во горниот дел од телото и да го олесни координираното движење од едната до другата страна. А ако не успеете да го вклучите овој дел од вашето тело додека одите, поголема е веројатноста да дозволите долниот дел од грбот да се ниша, рамената да се заокружат нанапред и вашето држење да страда.