Сликата е инспирирана од Јулската револуција од 1830 година, а жената на сликата со искинат фустан и француско знаме во раката е Маријана, францускиот национален симбол и алегорија на слободата. Маслото на платно, со димензии 3,25 x 2,60 метри, го зазема местото во една од големите црвени простории на „Лувр“ во Париз
Една од најпознатите француски слики, „Слободата го води народот“ од Ежен Делакроа, лани во септември беше отстранета од ѕидот на „Лувр“ за реставрација, која траеше до пролетва. Познатата жена со голи гради што го вее француското знаме меѓу револуционерите ја насликал Делакроа во 1830 година.
Од 2 мај сликата е вратена во музејот.
Маслото на платно, со димензии 3,2 5х 2,60 метри, зазема почесно место во една од големите црвени простории на „Лувр“ во Париз.
– Реставрацијата се подготвуваше долго време и беше направена рендгенска анализа на платното. Тоа е дел од големата кампања за реставрација започната во 2019 година за слики со голем формат од 19 век – рече Себастиен Алард, директор на одделот за сликарство.
Според него, „еден од приоритетите е отстранувањето на лакот што оксидирал на површината, давајќи жолта нијанса на црвените, белите и сините делови на сликата“.
Сликата е инспирирана од Јулската револуција од 1830 година. Жената на сликата со искинатиот фустан и француското знаме во рака не е која било жена, туку Маријана, францускиот национален симбол и алегорија на слободата.
„Лувр“ реставрира околу 200 слики од 2015 година, вклучувајќи ги „Портрет на непозната жена“ на Леонардо да Винчи, Тицијановиот „Јупитер и Антиопа“ и неколку од Делакроа, вклучувајќи ги „Жените од Алжир“ и „Масакрот на Хиос“.
Во „Лувр“, најголемиот музеј во светот, има околу 6.400 слики, од кои околу 4.500 на постојаната поставка.