Важно е да се сфати дека и производството и дизајнот на облеката не секогаш носат само естетика и убавина со себе. Тие поминуваат низ процеси што ја загадуваат околината, процеси што не секогаш ги вреднуваат трудот и животот на работниците, транспарентноста и сите влијанија на вклучените актери во целиот синџир, вели Јакимовска
Ана Јакимовска, координаторка на „Модна револуција Македонија“
Сања Јачевска
„Фешн револушн Македонија“ е дел од глобалното движење „Фешн револушн“, кое се залага за модна индустрија што еднакво ги вреднува човечкиот капитал, профитот, животната средина, креативноста… Преку своите активности настојуваат македонските модни брендови да бидат екоосвестени, а купувачите да ги ценат парчињата што ги купуваат, да се намали ефектот на брзата мода и да се насочиме кон бавна мода, или свесност и пристап кон модата што ги зема предвид ресурсите, луѓето што ја прават, процесот на производство на облеката…
Оваа година, Неделата на Модната револуција се случува од 18 до 24 април во над 90 земји. Луѓето низ светот прикажуваат практични начини како можеме да создадеме поодржлива модна иднина.
На кој начин ќе се одбележи годинашнава Недела на Модната револуција?
Ние како тим решивме да ги изоставиме физичките настани и ќе дејствуваме најмногу на социјалните медиуми. Како група волонтери што неуморно се залагаат да ја кренат свесноста на темата за одржлива, етички исправна и транспарентна мода, подготвуваме едукативни материјали, анкети, квиз-прашања, истражуваме актуелни закони и правилници што ја опфаќаат тематиката и ќе бидеме отворени за споделување на искуствата и напорите на потрошувачите / нашите следачи, кои ќе нѐ поддржуваат во текот на Неделата на Модната револуција. Фокусот го ставаме на негата, поправката, редизајнот на облеката. Како и секогаш нашите актуелни хаштаг-ознаки се #WhoMadeMyClothes #WhatsInMyClothes и #LovedClothesLast.
Какви сѐ штети нанесува модата врз планетата?
Модната индустрија е огромна и како таква повлекува и несакани ефекти и последици низ целиот процес при изработка на облеката, модните додатоци, чевлите и така натаму. Секој процес на патот до крајниот производ засебно генерира отпад и има влијанија врз животната средина. Истовремено, вреднувањето на трудот на текстилните работници и нивните услови за работа е потребно да се подобрат. Но со одредени стандарди, правила и практики, кои дефинитивно треба да се додефинираат и применуваат без исклучок, има потенцијал да дојдеме до многу поодржлива мода. Секако дека тука голем дел заземаат крајните потрошувачи, кои настојуваме исто така да ги едуцираме за сите можни последици од нивниот избор при избирање и купување облека. Па така, би требало да се подобриме токму во тој дел, односно да бидеме многу поедуцирани за тоа што носиме, од каде потекнува, каков состав има и какви стандарди стојат зад парчето облека, кои материјали се најпогодни за нашето здравје и за животната средина. И најпосле, што потоа откако ќе ја износиме облеката; кој и колку труд вложил во изработката итн.
Колку, кај нас, луѓето се свесни за одржлива мода?
Од свое лично видување можам да кажам дека уште кога решив да го воведам разгранокот на „Фешн револушн“ во Македонија, а тоа беше во 2015 година, ретко кој зборуваше за одржливост во модата. Дури во 2019 година започна брза дисеминација на терминот одржлива мода. Денес дури преминуваме и во фазата на т.н. greenwashing, односно употреба на одржливата мода во неверодостоен контекст, односно само како маркетинг-алатка што не се заснова на вистинити практики.
Што е најважно да се сфати, примени и промени кога станува збор за Модната револуција? Од каде треба да се почне за промените да бидат видливи?
Важно е да се сфати дека и производството и дизајнот на облеката не секогаш носат само естетика и убавина со себе. Тие поминуваат низ процеси што ја загадуваат околината, процеси што не секогаш ги вреднуваат трудот и животот на работниците, транспарентноста и сите влијанија на вклучените актери во целиот синџир. Како поединец, секој би можел повеќе да се едуцира за основните влијанија од она што го купува. Па како што се грижиме за храната од каде потекнува и како ќе влијае на нас самите и на околината, така би требало да се грижиме и за она што е во непосреден допир до нашата кожа – а тоа е облеката.
Кои се најголемите загадувачи кај нас кога станува збор за модната индустрија?
Како и во светот и кај нас нема целосни и јасни стандарди за увоз, производство итн. Но и самите потрошувачи е потребно да се свесни за тоа што поддржуваат при купувањето, да знаат дека основните поправки го продолжуваат векот на облеката и дека тоа влијае и на околината и на отпадот што се собира при постојано генерирање нова и нова облека со лош квалитет. Дизајнерите, пак, од друга страна треба да настојуваат да користат органски материјали и за истите тие да бараат доказ, односно сертификати што го докажуваат потеклото на тие материјали. Исто така, со закон треба да биде регулиран увозот на материјалите, а со тоа и сите придружни декларации за составот, потеклото и така натаму.
Какви задачи си давате како организација? Во што е важно да се одржи конзистентност?
Како разгранок на едно глобално движење што се залага за поетична, транспарентна и одржлива мода што ги вреднува еднакво луѓето, профитот, креативноста и животната околина се трудиме секогаш да едуцираме локално и да придонесеме за кревање на свеста кај луѓето за оваа тематика. Веќе гледаме промени во тековите на некои навики, исто така и иницијативи слични на нашите од други организации и компании, потрошувачи што се посвесни за облеката што ја купуваат, дизајнери и купувачи што бараат сертификати за текстилот. И сето тоа е на некој начин успех. И во иднина го продолжуваме тоа и уште повеќе целиме кон тоа и самите ние да излеземе со конкретни извештаи, истражувања од локални случувања и состојби и се надеваме на повеќебројни модно освестени следачи и поддржувачи.