Знаменитостите на Македонија
Понекогаш едно едноставно прашање може да отвори цела страница од историјата. Дали навистина постоело село што го носело името Демир Хисар? Одговорот е – да, постоело. Деновиве, на една од нашите генерациски седенки, повторно ја отворивме оваа тема. Иако на прв поглед звучи како локална легенда, вистината е многу подлабока и потврдена со историски извори. Прв што го отвори ова прашање беше мојот драг пријател, историчарот и поранешен директор на Радио Охрид, м-р Димитар Смилевски. Неговото откритие – дека во османлиските документи од 15 век навистина се спомнува село со името Демир Хисар – и мене ме изненади. До денес, овој податок ни во една историска публикација или монографија за нашиот крај не е спомнат.
Најстарите докази потекнуваат од турските пописни дефтери од 1468 година
Најстарите докази потекнуваат од турските пописни дефтери од 1468 година, во кои селото Железнец е заведено под името Демир Хисар. На тогашните географски карти, над името Железнец стои напишано Демир Хисар – како официјално име на селото. Тоа значи дека пред речиси шест века, на местото што денес го знаеме како Железнец, навистина постоело село со ова име. Пописот од 1468 година открива и други важни податоци. Се спомнуваат повеќе села од Демирхисарскиот Регион – некои денес целосно иселени, но зачувани во топонимите и ојконимите како Добромирово, Крагуево. Особено интересно е спомнувањето на Мургашево, кое тогаш било речиси 100 отсто населено со православно македонско население. Со тоа се побива старото тврдење дека ова село (денес дел од градот Демир Хисар) некогаш било претежно муслиманско.
Со пописот од 1468 година, научно и документирано се потврдува дека селото Железнец било заведено под името Демир Хисар. Еден мал, но значаен факт што ја збогатува историјата на нашиот крај – и нè потсетува дека под секој камен од Демир Хисар се крие понекоја приказна што чека повторно да биде откриена.
Каде исчезнаа старите православни гробишта на Мургашево?
Обидот да потврдам дека пред повеќе од пет века навистина постоело село под име Демир Хисар – денешното Железнец, ме наведе на наведе на ново прашање, кое бара пошироко историско и археолошко осветлување. Каков бил националниот и верскиот состав на жителите на тогашното село Мургашево, кое денес претставува дел од градот Демир Хисар?
Моето интересирање не е само љубопитност туку обид низ достапните податоци, усни сведоштва и теренски забелешки да се приближи една слика за минатото што постепено исчезнува.

Мургашево низ османлиските записи
Во турските пописни дефтери од 1468 година, Мургашево е наведено како населено место исклучиво со православно, христијанско население. Овој податок е мошне важен, бидејќи станува збор за официјален документ на османлиската држава – административен регистар што ја бележел секоја даночна единица, со јасна евиденција за етничката и верската припадност на жителите. Таквите податоци не оставаат простор за сомнеж: во средината на 15 век Мургашево било чисто православно село. Оттука се јавува природната дилема – ако жителите биле православни, каде се нивните цркви и гробишта?
Кога гробиштата не сведочат за минатото
Некои денес ќе речат: „Во градот Демир Хисар? Па има гробишта, таму кај градските, на периферијата“. Но, колку што знам, историјата не се мери со приближни одговори. Теренските набљудувања и усните сведоштва покажуваат дека градските гробишта во Демир Хисар не се постари од осум-девет децении, па нека има и еден век. Тоа значи дека не може да станува збор за христијански гробишта од предосманлискиот период.
Постои и локално предание дека околу 1927 година било изградено мало гробјанско црквиче (денес возобновено од темел и се користи како капела), скромно, без живопис, направено од трошен материјал. На дрвена конструкција од неколку метри висина беше обесено ѕвоно (камбана) – единствениот симбол што ја обележуваше светоста на тој простор.
Така, наместо потврда за старите православни гробишта, го добиваме спротивното: доказ дека овој простор не бил црковен пред османлискиот период. Дополнителна потврда дека на ова место се погребувало христијанско население пред околу 1 век, а можеби и повеќе, е и фактот што, при осветувањето на темелите на сега возобновеното црквиче, пронајдовме човечки черепи и други коски од човечко тело.
Гласовите на старите мургашевци
Како дете што растеше во Мургашево уште од шеесеттите години на минатиот век, живо се сеќавам на разговорите на повозрасните мургашевци. На летните вечери, седнати на уличните клупи, зборуваа за едно време кога постоеле гробјанската црква „Св. Никола“ и старински христијански гробишта.
Тие раскажувања, иако без материјален доказ, се дел од усната историја – најчесто потценета, но многу важна кога писмените извори се оскудни. И повторно, се поставува истото прашање: каде православните мургашевци ги погребувале своите покојници и каде ги извршувале верските обреди?

Можни насоки за истражување
Според моето скромно и нестручно познавање, логично се поставуваат неколку можни прашања и толкувања: 1. Црквата и гробиштата биле уништени во некој од воените или османлиските периоди на пренаменување на верските објекти. 2. Обредите се вршеле во околните села, на пример во Суводол-Кутретино или во некое од блиските духовни средишта во другите села. 3. Дел од старите гробови можеби се прекриени со понов урбан слој, што би можело да се потврди само со археолошки сондажи.
Затоа, оваа дилема не е само локална љубопитност туку повик за сериозно научно и археолошко истражување, кое би дало појасна слика за верскиот развој на демирхисарскиот крај.
Паралелно исламско наследство
Во исто време, Мургашево сведочи и за присуството на исламското наследство, кое оставило свој белег до денес. Во селото постои џамија, како и вакафски простор од околу илјада квадратни метри, каде што има стари муслимански гробишта, а денес може да се забележат два-три понови муслимански гроба од наши современици, соседи. На источната страна од џамијата постоеја и помошни објекти, во кои, пред нивното уривање, привремено живееја неколку православни семејства – ретка слика на сплотеност и заемно прифаќање во едно време кога верските разлики често биле линија на поделба.
Минато што бара свој глас
Денес, кога многу историски траги од Демир Хисар полека исчезнуваат, вреди да се постават прашањата што другите не ги поставуваат. Каде се остатоците од старите православни гробишта? Дали под сегашните улици лежат заборавени камени крстови? Дали некаде под земјата мируваат темели на една заборавена црква? Одговорите можеби се блиску – само се потребни волја и стручен пристап за да се пронајдат.
Овој текст е дел од лична иницијатива за истражување на локалната историја на Демир Хисар. Целта е да се зачува сеќавањето на минатото, да се отвори дијалог меѓу историјата и современоста и да се поттикнат идни истражувања што ќе го осветлат духовното наследство на овој крај.
Автор: Благоја Шундовски, новинар, поранешен уредник и директор на Радио Демир Хисар


































