Научниците и инженерите во близината на Оксфорд, Англија, постигнаа рекордно производство на енергија преку нуклеарна фузија, правејќи уште еден чекор кон остварување неограничен извор на чиста енергија.
Со помош на заедничкиот европски торус (ЏЕТ), џиновска машина во облик на крофна, позната како токамак, за пет секунди се произведени рекордни 69 мегаџули енергија на фузија, користејќи само 0,2 милиграми гориво.
Процесот што ја напојува нуклеарната фузија е истиот процес што ги напојува Сонцето и другите ѕвезди и се смета за свет грал на чиста енергија. Експертите со децении работат на совладување многу сложен процес на Земјата. Ако успеат, фузијата би можела да генерира огромно количество енергија, користејќи мало количество гориво и без да испушта јаглерод што ја загрева планетата.
Научниците користеле деутериум и тритиум како форми на водород за производство на енергија преку фузија, која најверојатно ќе се користи во комерцијални постројки за нуклеарна фузија. За да се произведе енергија, температурата во токамакот била подигната на 150 милиони Целзиусови степени, што е десет пати потопло од јадрото на Сонцето. Со таа екстремна топлина, деутериумот и тритиумот се спојуваат, формирајќи хелиум, кој ослободува огромни количества топлина. Токамакот е обложен со моќни магнети што ја држат плазмата внатре. Добиената топлина се користи за производство на електрична енергија.
ЏЕТ се користи повеќе од 40 години и последниот експеримент даде ветувачки резултати. Извршниот директор на конзорциумот на европските институти „Еврофјужн“, Амброџо Фазоли, истакна дека најголемиот токамак ИТЕР се гради на југот на Франција. Зад „Еврофјужн“ стојат дури 300 експерти.
За енергијата произведена со нуклеарна фузија да биде пресвртница во борбата против климатските промени, веројатно ќе бидат потребни години за овој метод на производство да се комерцијализира. Истражувачот за нуклеарна фузија од Универзитетот во Манчестер, Анека Кан предупреди дека постои можност да биде предоцна откако нуклеарната фузија ќе се користи како средство за борба против климатските промени. Има безброј предизвици во овој процес. Кан нагласи дека за да се спроведе експериментот, се користи повеќе енергија отколку што се произведува.
– Ова е одличен научен резултат, но сè уште сме далеку од комерцијална нуклеарна фузија. Изградбата на електроцентрала со фузија има и многу инженерски и материјални предизвици. Меѓутоа, инвестициите во фузијата растат и ние напредуваме. Треба да обучиме огромен број луѓе и се надевам дека технологијата ќе почне да се користи во втората половина на овој век – рече Кан.