Зголемувањето на нивото на морето поради климатските промени ќе ја чини Европа до 872 милијарди евра до 2100 година, а за најзагрозени се сметаат делови од Италија, особено нејзините северни региони Емилија Ромања и Венето, северозападна Франција, Холандија, Данска, балтичките држави и Полска, според една нова студија.
Ова се резултатите од студијата спроведена од универзитетот за технологија „Делфт“ во Холандија со учество на Европскиот институт за економија и животна средина од Милано и универзитетот „Ка’ Фоскари“ од Венеција, а беа објавени во списанието „Сајентифик репортс“.
Авторите велат дека резултатите укажуваат на потребата од имплементација на економски политики специфични за одреден регион, чија цел е да се обидат да се справат со можното влијание на покачувањето на нивото на морето и да се ограничат штетите.
Како дел од студијата, истражувачите го симулираа можното економско влијание на порастот на нивото на морето на 271 европски регион од сега до 2100 година, според сценарио што вклучува високи емисии на загадувачи и не ги вклучува најновите мерки за заштита на крајбрежјето. Во својата симулација, научниците комбинираа претходно познати податоци за очекуваните ефекти и економските загуби предизвикани од 155 поплави низ Европа во периодот од 1995 до 2016 година.
Резултатите укажуваат на можна штета во вредност до 872 милијарди евра за Европа и Велика Британија, но треба да се истакне дека постојат големи разлики меѓу одделните региони. Така, Италија треба да биде меѓу најпогодените земји, додека внатрешноста на земјата би можела да оствари економски придобивки благодарение на преместувањето на производството од поплавените крајбрежни региони во внатрешните области.
Проекциите, исто така, покажуваат дека насочените инвестиции во логистика, јавни услуги и градежништво би можеле да ги ублажат економските загуби со незначителна цена за целокупната европска економија.