„Си-ен-ен травел“ објави листа на десет најубави европски железнички линии. Покрај патувањето со воз од Фиренца до Неапол, од Барселона до Монсерат или од Ница до Вентимиља, свое место на листата најдоа и две линии од земји од поранешна Југославија, Босна и Херцеговина и Словенија.
„Си-ен-ен“ пишува за патувањето од Сараево до Мостар како прекрасно двочасовно патување со воз во кое патниците ќе поминат под зелените планини и клисури што ги следи смарагдната Неретва.
– Во Мостар, едно од омилените мали гратчиња на „Си-ен-ен“ во Европа, ќе пристигнете веднаш над познатиот мост што го изградиле Турците, а кој беше уништен од хрватската војска во 1993 година, за повторно да биде обновен во 2004“, пишува познатиот американски медиум.
Што се однесува до Словенија, Си-ен-ен наведува дека во таа земја има повеќе од 1.000 километри железничка пруга, а широката железничка мрежа ја поврзува Словенија со Унгарија, Австрија, Хрватска и Италија.
Тие наведуваат дека бохињската пруга е дел од линијата што ја поврзува Прага со Трст, а централна Европа со Медитеранот.
„Една од најстарите железнички линии во Словенија вклучува 28 тунели и 65 мостови, вклучувајќи го и Солканскиот мост, најголемиот камен железнички мост во светот, кој ги поврзува двата брега на реката Соча“, пишува во репортажата.