Фото: Мајк Пил

Седумте поморски експедиции придонеле многу држави од Источна и Југоисточна Азија да влезат во трибутарниот кинески систем, односно многу од државите влегле во светскиот поредок под власта на Минг. Дополнително, кинеската империја воспоставила контрола над една поголема трговска мрежа преку која Источна и Југоисточна Азија станале интегрирани и меѓусебно поврзани, како на политичко така и на економско ниво

Во првите децении на 15 век, односно во период помеѓу 1405 и 1433 година, Кина предводена од династијата Минг беше светска поморска сила. Во тој контекст е големиот проект од кој произлегоа седумте трговски поморски експедиции на адмиралот Женг, кои резултираа со океански патувања до крајбрежните територии и острови и околу Јужно Кинеско Море, Индиски Океан и бреговите на Арапскиот Полуостров.
Императорот Јонг наредил изградба на огромна трговска флотата во 1403 година, а првите шест патувања се случиле токму за владеењето на тој император. Првите три патувања биле насочени кон индискиот брег, а четвртото патување кон Персискиот Залив. Во последните три патувања флотата патувала до Арапскиот Полуостров и Источна Африка. Поморските патувања требало да го рашират политичкото и трговското влијание на Кина во овој дел на светот, па затоа кинеската трговска флота била силно милитаризирана и носела големи количества трговски стоки.
За време на првите три патувања од 1405 до 1411 година, флотата од Фуџијан, преку Јужно Кинеско Море до Јава и Суматра, од Малачкиот Теснец до северна Суматра, а потоа преку Индиски Океан до Цејлон, по должината брегот Малабар до Каликут. Во тоа време флотата пловела не подалеку од Каликут. За време на четвртото патување, рутата била продолжена до Хормуз. За време на петтото, шестото и седмото патување, флотата отпатувала понатаму до дестинации на Арапскиот Полуостров и Источна Африка. На шестото патување флотата отпловила до Каликут, каде што неколку брода продолжиле кон понатамошни дестинации на Арапскиот Полуостров и Источна Африка. На седмото патување флотата ја следела рутата до Хормуз, додека одвоените ескадрили патувале до други места на Арапскиот Полуостров и Источна Африка.

Поморските експедиции биле особено успешни, имено при секое враќање во Кина поморската флота со себе донела голем број странски амбасадори чии владетели биле подготвени да воспостават трговски врски со династијата Минг, но и да ја признаат врховната власт на Кина, односно да станат кинески вазали. Седумте поморски експедиции придонесоа многу држави од Источна и Југоисточна Азија да влезат во трибутарниот кинески систем, односно многу од државите влегле во светскиот поредок под власта на Минг. Дополнително, кинеската империја воспоставила контрола над една поголема трговска мрежа преку која Источна и Југоисточна Азија станале интегрирани и меѓусебно поврзани, како на политичко така и на економско ниво.
Во почетокот на 15 век поморските експедиции ја трансформирале Кина под власта на Минг во истакната светска поморска сила. Во историската наука постојат дебати за вистинската цел на седумте поморски експедиции на кинескиот адмиралот Женг, големината на бродовите, бројноста на флотата, наутичките карти што биле користени, земјите што биле посетени, како и маршрутите по кои се движела флотата.
Поморските експедиции завршиле до 1433 година. Во историската наука сѐ уште не е доволно јасно зошто биле прекинати океанските патувања. Според едни истражувачи тоа се случило поради големите финансиски средства што го оптоварувале државниот буџет. Меѓутоа некои од историчарите не се согласуваат со таквите констатации, нагласувајќи дека поморски експедиции биле профитабилни за кинеската економија. Според други истражувачи експедициите биле прекинати поради судирот помеѓу трговците и бирократите, како и внатрешнополитичките судири на одделните фракции. Од друга страна, еден дел историчари посочуваат дека поморските експедиции всушност биле алтернатива на т.н. Пат на свилата.

Имено, во почетокот на 15 век Патот на свилата бил блокиран од страна на моќната западноазиска империја на Тимур, која ги загрозувала економските и трговските интереси на Кина. Меѓутоа, по смртта на Тимур, неговата империја се распаднала и набрзо Патот на свилата повторно бил отворен за кинеските трговци. По отворањето на патот на свилата, династијата Минг повеќе немала потреба од поморски експедиции затоа што биле обновени старите трговски патишта што воделе до Кина.
Седумте поморски експедиции се состоеле од учество на илјадници луѓе. Според историските извори, за време на првото патување, флотата имала персонал од 27.800 и 317 брода. За второто патување се верува дека било составено од 249 брода, а за третото патување бил ангажиран екипаж од 27.000 луѓе. Историските извори забележуваат дека во четвртото патување учествувале 63 големи брода и голем број помошни бродови, а екипажот се состоел од околу 28.000 луѓе. Во седмото патување учествувале околу 27.000 луѓе и повеќе бродови. Д.Ст.