Се ближи ноќта кога во три часот по полноќ ќе ги поместиме стрелките на часовникот еден час наназад. Иако за многумина тоа значи само еден час подолг сон, прашање е дали и на кој начин оваа промена може да нѐ вознемири.
Многумина знаат дека промената во ноќта меѓу 28 и 29 октомври не е соодветна за метереопатите и хронично болните, но тоа не ја исклучува можноста да почувствуваат тегоби и оние што немаат никакви здравствени проблеми.
Расположението често зависи од времето, особено кога ќе дојде есен. Денот станува пократок, потемен и постуден, а сонцето побрзо заоѓа, што ги прави луѓето раздразливи. Така, како што поместувањето на часовникот го прави денот пократок, можно е да има и одредено влијание врз психолошката состојба на луѓето.
Психолозите истакнуваат дека секој човек има свој таканаречен внатрешен часовник, а кога е нарушен, потребно е одредено време за да се врати во претходната состојба. Нашиот ритам и организам не можат да знаат за надворешните влијанија и им треба време повторно да се приспособат.
Многу луѓе, особено вработените, се свесни дека преминувањето на зимско сметање на времето значи дека тешко дека ќе ја видат светлината на денот во работните денови, што е уште една негативна последица од поместувањето на часовникот што ни се приближува. Имено, сето тоа негативно влијае на психата и биоритамот, но и на нашето здравје, бидејќи сонцето е важен извор на витамин Д. На метереопатите и на хронично болните им се потребни најмалку две недели да се вратат во нормална состојба откако времето ќе се врати назад.
Самите промени на годишните времиња влијаат на психата, а јасно е дека промената на часовникот носи и одредени последици, како што се промени во расположението, летаргија, раздразливост и главоболки.