Британецот Расел Дејвис, одличен познавач на евровизиските случувања и член на неколку македонски евровизиски делегации, ни рече дека во случај на Русија да ѝ се дозволи учество на „Евровизија“ ќе има сериозни последици
Дисквалификувањето на Русија од учество на „Евровизија 2022“ не е единствениот случај кога првите луѓе на „Евровизија“ донесуваат одлуки засновани на актуелните политички случувања во светот. Според Игор Војновски, новинар и добар познавач на евровизиските околности, кој и самиот известувал од неколку евровизиски изданија, политиката и „Евровизија“ одат рака под рака уште од самите почетоци.
– Политиката е придружен дел на „Изборот на песна на Евровизија“ уште од нејзините почетоци и не само во размената на гласови на геополитичка основа. Општ е впечатокот дека слабите резултати на поранешна Југославија во триесетгодишниот интервал беа поради тоа што беше единствената комунистичка земја во конкуренција. Настапот на португалскиот претставник во Брајтон во 1974 беше сигнал за бунтовниците за почеток на Револуцијата на каранфилите во Португалија. Грција не учествуваше на натпреварот во 1975 поради дебито на Турција, како протест против инвазијата на Кипар. На новата југословенска државна творба од 1990-тите ѝ беше забрането учеството од 1993 натаму поради воените дејства. Серија контроверзии се поврзани и за учествата на Израел. Либан требаше првпат да настапи во 2005 г., но се откажа поради тоа што не сакаше да го емитува израелскиот настап во рамките на преносот – објаснува Игор Војновски.
Тој посочува и дека непријателството меѓу Ерменија и Азербејџан во неколку наврати се рефлектираше врз музичкиот натпревар, дури и резултираше со полициски распит на сите оние петнаесетина Азербејџанци што телефонски гласале за „соседот душман“.
– Во историјата на натпреварот имало повеќе песни со директни или затскриени политички пораки, ама последниве декади ЕБУ е многу построга и веднаш прибегнува кон санкции. Во 2009 г. беше откажано учеството на Грузија поради барањето на организаторот да се промени текстот на песната што сугерираше дека Грузијците не го сакаат Путин – објасни Игор.
Украина, како што додаде, често испраќала песни со политичка конотација на „Евровизија“.
– Кога беше домаќин во 2005 г., нејзин претставник беше преработената химна на Портокаловата револуција. Две години подоцна, Верка Седучка го освои второто место со песната чиишто стихови (без никакво значење) велат „лаша тумбаи“, ама јасно алудираат на „Раша гудбај“ (Збогум, Русијо). Украина не учествуваше во 2015 г. поради руската инвазија на Крим, а следната година победи со песната посветена на депортацијата, односно етничкото чистење на Татарите од Крим од страна на советските власти. Песната не беше дисквалификувана и покрај реакциите од Русија. Следната година на руската претставничка на натпреварот во Киев ѝ беше забранет влез во Украина поради нејзиниот настап во Крим, по што Русија го повлече учеството. Најнова е забраната за Русија поради штотуку почнатата војна – вели Војновски.
До скандал дојде и во 2019 година на 64. „Евровизија“ во Тел Авив, Израел, каде што владееше речиси воена атмосфера со невидени мерки за безбедност, надлетување на хеликоптери и десетици контроли пред да се влезе во објектот каде што се одржуваше фестивалот. Причината беа долгогодишните тензии меѓу Израел и Палестина.
Сепак, како што можеше да се види и во директниот пренос, за време на настапот на исландските претставници, бендот „Хатари“, тие го покажаа палестинското знаме. Како што објаснија подоцна, го сториле тоа во знак на протест поради кршење на човековите права од страна на Израел. Наедно, Исланд е првата држава што ја признала независноста на Палестина.
Нешто подоцна, пред самиот крај на натпреварот, Мадона, како главна гостинка на вечерта, го отпеа својот хит „Like a Prayer“ и ја претстави новата песна „Future“, а при крајот на изведбата таа настапи со двајца танчари, кои на грбот имаа знамиња на Израел и на Палестина. Повикувајќи на обединување и на мир, Мадона извика „разбудете се“, што предизвика негодување во израелската јавност. Освен тоа, нејзиниот настап никогаш не се најде на официјалниот јутјуб-канал на „Евровизија“, а некои се пошегуваа дека можеби причината е нејзиното фалширање.
Во Тел Авив таа 2019 година, Македонија го постигна својот најголем успех на „Евровизија“, кога Тамара Тодевска со песната „Proud“ го освои седмото место.
Но Игор Војновски нагласи дека многумина сметаат оти и најуспешниот настап на Македонија досега е своевидна награда на Европа за Преспанскиот договор. Нашиот минатогодишен евровизиски претставник Васил Гарванлиев беше жртва на јавен линч дома. Според него, политиката е секогаш присутна во уметноста, на овој или на оној начин.
– Првото нешто што морам да го прифатам како уметник и јавна личност е тоа дека сме огледало на сѐ што се случува, но и на несигурноста на многумина што се кријат зад тастатурата. Сега е многу лесно да кажеме, ама јас сум жртва на тоа, мене ми се случи тоа и така натаму. Но наместо тоа, треба да го искористиме моментот и да бидеме глас за сите што се без глас.
Политиката е секогаш присутна, за жал, и тоа е една многу ризична ситуација за кој било уметник, зашто таа линија на лично мислење и став е многу тенка и многу лесно се злоупотребува. Дали ова ми пречи – да, дали ме нервира – 100 проценти, но најмногу од сѐ ме инспирира – вели Гарванлиев.
Британецот Расел Дејвис, уредник на интернет-порталот „Есцказ“, одличен познавач на евровизиските случувања и член на неколку македонски евровизиски делегации на Македонската радио-телевизија (МРТ), ни рече дека во случај на Русија да ѝ се дозволи учество на „Евровизија“ ќе има сериозни последици.
– Во претходните натпревари, рускиот учесник беше исвиркан на сцената за време на сценскиот настап поради руската политика за правата на хомосексуалците. Приказната веројатно ќе се повтореше, но многу посилно. Ќе имаше експлозија од негативни реакции во салата – вели Дејвис.
Тој мисли дека Украина, секако, ќе учествува на „Евровизија 2022“ во Торино, Италија, освен во случај уметниците да не можат да ја напуштат земјата поради актуелната политичка ситуација.
– Очекувам Украина да биде фаворит за победа на натпреварот бидејќи светот ќе сака да ѝ даде поддршка – ни рече Дејвис.
Но дали тоа ќе значи дека Евровизија е политички настан, како што беше досега?
– На јавните гласачи може да влијае не само она што го гледаат на сцената. Тоа може да биде гласање на дијаспората за луѓето што живеат подалеку од дома или со сочувство поради настан што се случил во одредена земја. Мислам дека „Евровизија“ не е политички настан, но има многу фактори што одредуваат како поединецот гласа – посочи Расел Дејвис.
По дисквалификацијата на Русија, и првично одбраната претставничка на Украина, Алина Паш, не доби зелено светло за учество на „Евровизија“, поради тоа што во 2015 година го посетила Крим, област над која Русија ја презеде контролата во 2014 година. Во Италија, составот на Калуш Оркестар со песната „Стефаниа“ ќе ја претставува Украина. Главниот пејач на групата, Олех Псиук, бил воодушевен кога ги слушнал вестите.
– Во овие тешки времиња за нашата земја, на сите ќе им покажеме кои сме. Подготвени сме да ја претставиме Украина пред Европа – изјави Псиук за официјалниот канал на „Евровизија“.
Очекувано, во коментарите на Јутјуб добија поддршка од целиот свет.