Фото: Пиксабеј

Почина пациентот кому пред два месеца му беше извршена трансплантација на модифициран свински бубрег. Операцијата беше направена како потенцијално решение за светскиот недостиг од органи, соопшти тогаш болницата. Смртта на Рик Слејман, според болницата, не е поврзана со трансплантацијата, односно нема индикации дека тоа е резултат на неодамнешната трансплантација. Рик бил свесен за опасноста што ја носи оваа трансплантација.
Првпат се случува хируршки тим успешно да пресади свински бубрег кај жив пациент.

Како помина првата трансплантација на бубрег од свиња?

На Слејман му бил дијагностициран краен стадиум на бубрежна болест, што значи дека неговите бубрези не можеле сами да функционираат. Тој бил на дијализа од 2011 до 2018 година, кога првпат му бил трансплантиран бубрег од човечки донор. Околу пет години подоцна трансплантираниот бубрег почнал да покажува знаци на откажување, во мај 2023 година Слејман повторно започнал со дијализа. Потоа следувале компликации поврзани со дијализата, кои се вообичаени меѓу пациентите. Поради тоа морал редовно да оди во болница за отстранување на згрутчувањата и за хируршки интервенции, кои се одразиле на квалитетот на неговиот живот.
Генетски модифицираниот свински бубрег, кој му бил пресаден, го обезбедила „Е џенезиз“, биотехнолошка компанија од Кембриџ што развива органи компатибилни на луѓето. Компанијата користеше генетски метод за отстранување на штетната свинска ДНК и додаде човечка ДНК за да го направи бубрегот покомпатибилен со човечкото тело.
Слејман се вратил дома само две недели по четиричасовната процедура, која се одржа на 16 март. Слејман го нарече ова – еден од најсреќните моменти во неговиот живот.
Трансплантацијата беше одобрена од Администрацијата за храна и лекови (ФДА) преку единствен протокол за проширен пристап или „сочувствителна употреба“, кој им овозможува на пациентите со болести опасни по живот да пристапат до експерименталниот третман.
– Постапката означува голема пресвртница во потрагата за обезбедување полесно достапни органи за пациентите – се наведува во соопштението за печатот на болницата.
Успехот на постапката понуди трошка надеж во услови на криза со недостиг од органи во САД и пошироко. Во моментов повеќе од 103.000 луѓе во САД чекаат за трансплантација на органи. Податоците покажуваат и дека 17 луѓе во САД умираат секој ден додека чекаат трансплантација.

Во САД секој ден умираат по 17 луѓе додека чекаат трансплантација

– Иако преостанува многу работа, ова е голем настан за целата заедница за трансплантација, што ја претставува реалната можност за ксенотрансплантација, од која еден ден ќе имаат корист голем број пациенти – рече Дејвид Класен, главен медицински директор на Обединетата мрежа, непрофитна организација што го води националниот систем за трансплантација.
Тој додаде дека ова може да почне да го премостува „јазот помеѓу потребата за трансплантација на органи и бројот на органи достапни за трансплантација“.
Дали ваквите органи можат да станат норма? Треба да се направат повеќе истражувања пред да станат широко достапни трансплантациите на органи од свињи или други животни.
Во јануари 2022 година, Американецот Дејвид Бенет доби генетски модифицирано свинско срце, кое изгледаше дека функционира во неговото тело. Меѓутоа, во март 2022 година, Бенет почина. Точната причина за смртта не е објавена. Во септември 2023 година, Лоренс Фаусет стана втората личност во САД што доби генетски модифицирано свинско срце. Меѓутоа, шест недели подоцна и тој почина. Медицинскиот центар на Универзитетот во Мериленд, каде што беше извршена трансплантацијата, соопшти дека срцето почнало да покажува знаци на отфрлање. Меѓутоа, истиот месец хирурзите од универзитетот „Лангон Хелт“ во Њујорк заклучија дека трансплантацијата на модифициран свински бубрег нормално функционира во човечкото тело чиј мозок не функционира.
– Постои ризик од отфрлање на сите трансплантирани органи – рече Класен и објасни дека отфрлањето е вообичаено и знаците дека телото отфрла трансплантиран орган се третираат со приспособување на лековите за трансплантација.
Неодамнешните ксенотрансплантации покажаа дека научниците и истражувачите успеале да го надминат ризикот од итно отфрлање со генетски модифицирани свински органи. Постапката се заснова на повеќедецениско истражување на медицински експерти.
– Сепак, треба да се направи многу повеќе пред трансплантацијата да стане широко достапна, како што се клиничките испитувања што ја повторуваат процедурата кај голем број пациенти и ги проучуваат долгорочните резултати – рече Класен.