Занимливости
Плаошник или Плаош се наоѓа на јужниот дел од ридот на кој се протегал стариот град Охрид, неколку стотини метри од центарот на т.н. Самуилова тврдина. Просторот има долга и богата историја и култура.
Истражувањата покажаа дека уште во раната антика било свето место. Археолозите открија гроб од железното време, односно периодот помеѓу осмиот и шестиот век пред нашата ера. Се верува дека станува збор за култура што припаѓала на античкото македонско племе Енгелани. Во споменатиот гроб било откриено тело на жена, а многубројните откриени артефакти говорат дека покојничката имала висок општествен статус. Во гробот биле пронајдени бронзена дијадема, која била поставена на главата на покојничката, бронзен појас, бронзени белегзии и др.
Во понатамошните археолошки истражувања била откриена бронзена фигура со крила, откриена под мозаичната површина. Била откопана од црвена земја благодарение на која фигурата се зачувала. Досегашните археолошки истражувања на целата територија на Македонија покажуваат дека ова откритие е единствено од ваков тип.
Плаошник уште во ранохристијанскиот период бил почитуван свет христијански простор. Истражувањата открија монументална и богато украсена ранохристијанска крстилница, многу ретка на територијата на Македонија. Крстилницата е со огромни димензии, поголема од онаа во Стоби, а украсена со прекрасни мозаици, кои се со претстави на геометриски и животински фигури. Оваа крстилница била дел од најстарата, а наедно и по своите димензии најголема петкорабна базилика, од петтиот век, што е откриена на Плаошник, односно под црквата изградена од Св. Климент.
Во доцната антика биле изградени ранохристијански базилики, со истражувањa била откриена и трета базилика, чии основи поминуваат под патеката што води до куќата на владиката Тимотеј, во близината на Плаошник. Археолошките истражувања покажаа дека тука се наоѓала голема поликохална црква и една петбродна базилика со две крстилници. Крстилницата на петкорабната базилика со свастики на мозаичните подови потекнува од периодот меѓу четвртиот и шестиот век.
Откритијата потврдија дека старата триконхална црква била обновена кон крајот на деветтиот век, а повеќето експерти го посочуваат токму Свети Климент како нејзин возобновувач, а била посветена на апостол Павле.
Оваа црква се истакнувала со кружни форми со браниден план, во основното јадро бил додаден притвор, а потоа и нови градби на југ, север и на запад. Историчарите веруваат дека токму во овој манастирски комплекс, Св. Климент ги започнал својата книжевна и просветителска дејност. Дејноста на Св. Климент на овој простор била основа за развој на Охридската книжевна школа и за создавањето на првиот словенски универзитет. Црквата била обновувана и живописувана во периодот помеѓу тринаесеттиот и петнаесеттиот век.
Во петнаесеттиот век, црквата и конаците се урнати од висок османлиски достоинственик, кој врз темелите на црквата изградил исламски објект – „Султан Мехмед џамијата“.