И во оваа 2025 година, повторно на исто место две прекрасни случувања. И повторно зад нив стои „Пасворд продукција“, организирајќи сѐ на највисоко ниво. Секоја чест. Првото случување беше конференцијата ПИН (PIN), која траеше три дена и три ноќи (27, 28 и 29 ноември) во Младинскиот културен центар. Идејата на ПИН е да ги поврзе и надгради знаењата на заинтересираните за музичката индустрија од Европа, а особено од регионот, како и да се развијат разни вештини, и тоа не само на музички план туку и во областа на менаџментот, пиарот, авторските права… Како таков, тој е уникатен на овие простори, особено што на едно места се среќаваат разни личности од различни области во правец на развивање на музиката за размена на идеи и мислења. Она по што се разликува ПИН од другите слични случувања се панелите (над 25 панели), каде што се обработуваа различни теми (Touring Croatia, Believe Digital, New face, Reflection and a look into the future, French Reception, PR clinic…). Најинтересно е дека во тие три дена и три ноќи на неколку сцени поминаа над 50 групи со различни музички стилови, кои го претставија својот репертоар. Изведувачите беа од Хрватска, Белгија, Србија, Грција, Данска, Холандија, Словачка, Италија, Кипар, Турција и, нормално, од Македонија. За секого по нешто и секој може да се најде себеси. Оваа година особено место заземаа изведувачите од Франција, со што ја промовираа француската култура. Меѓу сите тие изведувачи, на главната сцена се појавија и повеќе македонски групи. Пред сѐ мислам на новиот проект на Горан Трајковски-Готра со битолчаните „ВЕЛ“, претставувајќи ни еден цврст ритмичен звук, кој беше добро прифатен од публиката. За мене пријатно изненадување беше целиот тој нов концепт на Готра, знаејќи го досегашното негово портфолио. Овде веќе дејствува како тотално созреан музичар, со имиџ што идеално се вклопува во она што го свири и пее. Нивниот заеднички настап траеше педесетина минути, каде што „ВЕЛ“ го претставија својот албум, а Готра отсвире стари и нови материјали („Votre dammes“, „Вавилон“, „Тапија на немоќта“, „Премин“…).Во секој случај пријатно изненадување, едвај чекам да ги видам повторно на 26 декември во Скопје во ГТЦ. И не може, а да не се споменат битолчаните (Битола има јака сцена) „Паркети“, кои беа феноменални, од почетокот до крајот. Овие четворица се толку добри што без сомнение може да излезат и на светска сцена и да направат ’ршум со нивниот имиџ, со нивниот став, прекрасни текстови и фантастична музика. Само им треба добар менаџер. Вториот настан е постариот брат на ПИН, а тоа е „Таксират“. Оваа година во траење од два дена и две ноќи (6 и 7 декември) во салата „Борис Трајковски“. Првата ноќ беше оној класичен „Таксират“, со две сцени со домашни и странски имиња. Влегов околу 19.30 часот. Она што го забележав беше дека многу публика беше дојдена од странство, и тоа претежно Турци и Роми, и малку ми беше чудно што дошле на ваков настан. Први на главната сцена настапија италијанските металци со готик-примеси „Лагуна Коил“. Со нивното свирење и пеење (имаат прекрасен женски вокалист) докажаа дека се едни од најдобрите во својот фах. Веднаш по нив „ЛД Пистолеро&ДЏГоце&Р.О.Н.И.Н.“, со нивниот препознатлив хипхоп-звук. По нив настапи Езел. И одеднаш ми стана јасно зошто дошла толку многу публика. Езел е мегаѕвезда, прави светски турнеи и е еден од најпочитуваните хипхопери, реге и рап-уметници. Неговиот настап беше прекрасен, а публиката ги пееше неговите песни наглас, во хор, и тоа на турски. По еден час заврши неговиот настап и половина сала се испразни. Пред соблекувалната на Езел имаше премногу посетители, претежно млади девојчиња. Се туркаа да го видат, да земат автограм. Една рече: „Јас сум дојдена од Анкара само за овој негов настап“, втора „Јас сум од Истанбул“, трета „Мене ми е братучед“ и сите сакаа да се сликаат со него. Ова е голема езелманија, човекот има куп обожаватели. И тие што отидоа по неговиот настап направија голема грешка. Езел повторно настапи по еден час заедно со „Дубиоза колектив“, и тоа само за една песна.
Тој спој практично беше кулминација на вечерта. „Дубиоза“ како секогаш весели, спортски настроени, го дигнаа адреналинот на публиката во салата, која во меѓувреме повторно се наполни. Тие се стари познаници на „Таксират“ и секогаш даваат сѐ од себе за да бидат нештата како што треба. Во еден момент на сцената излезе Логин и побара неколкуминутен молк во чест на Панчо од „ДНК“, кој работеше за „Пасворд продукција“, а кој почина од последиците на пожарот во Кочани. Затоа и вториот стејџ го носеше неговиот прекар „Shorty p stage“. И на самиот крај, легендите на њујоршкиот рап „Onyx“. Отсвиреа и отпеаја како да се на доделување на некоја МТВ-награда, гласно, ритмично, стилски, баш онака како што треба да свират тие, една од легендите на светскиот уличен рап. На втората „Shorty p stage“ настапуваа неколку изведувачи, претежно домашни рапери, хипхопери, електроничари, диџеи, и тоа Нести, Огипсилон, Секси Марса, Дон Плеја и Принцес, Онацу, Бон Праскиза, Ајри Скреч. Така заврши првиот ден.
Новоста оваа година беше вториот ден, кој беше посветен на електрониката. Почетокот беше во 13 часот, кој траеше, и траеше, и траeше и во дел од наредниот ден. А во преполната сала публиката се забавуваше на звуците на Монго, Би-ту-би Омару, Маци, Вишко, Кристијан Хсс, Аврамовски, Петков, Додевски, Лесја, Би-ту-би Дајах, Пас-ен-џи-ар. За самиот крај, кулминација на вечерта беше култниот германски техно и електронски гениј Свен Ват. Подобро заокружување на овие два прекрасни – нема. И така завршија овие две манифестации, со премногу публика, со експерти од својата област, кои го делат своето знаење несебично и, нормално, со многу изведувачи. Она што останува е да чекаме до дојде ноември-декември 2026 г. и да видиме дали може нешто што е толку добро направено оваа година да се надмине во наредната.
































