Песни што ме тераат да играм
Жената икона на светската андерграунд-сцена, таканаречена кума на панкот што ја обележи светската музичка, книжевна и визуелна сцена, и многу повеќе од тоа, поетеса, актерка, сликарка, новинарка, визуелна артистка, ги помина сите фази од 1960-тите до денес. Во средината на 1960-тите доаѓа во Њујорк и рецитира своја поезија пред настапите на музичките групи. Се запознава со Енди Ворхол, „Велвет андерграунд“, Ален Гинзберг, Сем Шепард… Во 1975 г. „Пети Смит груп“ во продукција на Џон Кејл го издава албумот „Horses“, кој е прогласен за еден од 500-те албуми на сите времиња, а во периодот кога е издаден беше тотално различен од сѐ друго и поради тоа создаде голема група следбеници.
Тоа е едноставен триакорден рок, со фатален ритам, каде што во прв план се текстовите на Пети и нејзиниот начин на пеење и рецитирање. Таа во суштина создава нов начин на изведба што целосно ја обзема публиката на нејзините изведби. Некои оваа плоча ја нарекуваат една од првите панк-плочи, иако повеќе е една од првите гараж-рок плочи. За да биде панк, во текстовите недостигаат нихилизмот, анархијата, самоуништувањето, деструкцијата. Црпи инспирација од Шарл Бодлер и Артур Рембо, кои во своите текстови повикуваат на хармонија, љубов, кои сакаат да создадат подобар свет, што е спротивно на панк-филозофијата. Нејзините настапи се тотално диви, таа вреска, рецитира, пее, скока во публиката, има огромна енергија во контактот со публиката, сосема е непредвидлива.
Пети Смит има издадено околу 30 албуми. Со својот трет албум „Еaster“ од 1978 постигнува и комерцијален успех, особено со песната „Because the Night“, авторско дело на Брус Спрингстин. Концерти, турнеи сѐ е полно. Издава уште еден албум, се мажи за рок-легендата Фред Смит. Заедно се повлекуваат во Детроит, добиваат две деца, но издаваат и нови изданија. Во 1988 ја снимаат песната „People have the power“, која се смета за светска химна на мирот. Во почетокот на 1990-тите доживува нервен слом, ѝ починуваат неколку нејзини блиски меѓу кои и нејзиниот сопруг. Се повлекува во себе, оди на психијатриски терапии. Еден психијатар ѝ вели дека најдобра терапија е повторно да настапува. Се враќа во Њујорк во 1995 г. и повторно ја формира својата група. Со помош на Боб Дилан и лидерот на РЕМ, Мајкл Стајп, почнува да настапува. Се редат нови плочи, издава книги.
Во 2007 г. влегува во Алејата на бесмртните за својот придонес во музиката. Во 2010 г. ја издава книгата „Само деца“ во која го опишува својот дел од животот со геј-уметникот и фотограф Роберт Мејплторп (тој ја има фотографирано за албумот „Horses“). Книгата е вистински хит, добива многу награди, прогласена е за книга на годината. По неколку години следува успешно продолжение на книгата, а денес е снимена и играна серија. Пети е неуморна и сѐ уште твори, создава во повеќе области и со тоа им дава надеж на сите дека годините не се ограничување.
Автор: Љупчо Давчев