Фото: Пиксабеј

Додека политичките промени и глобалните предизвици често предизвикуваат загриженост, науката нѐ потсетува дека светот може да стане подобро место. Од медицински откритија до технолошки иновации, научниот напредок дава причини за оптимизам. Од лекување смртоносни болести до спасување на планетата, науката сè уште нѐ води кон посветла иднина.
Научните достигнувања не се само симбол на човековата генијалност туку и потсетник дека науката останува наш најсилен сојузник, кога со труд и иновативност можеме да ги решиме и најтешките предизвици, пишува „Гардијан“.

1. Третман на дијабетес со помош на матични клетки
Дијабетесот, болест што погодува половина милијарда луѓе низ светот, конечно би можел да стане минато. Научниците неодамна објавија успех во користењето матични клетки за лекување на оваа болест. Еден пример е 25-годишна жена со дијабетес тип 1, која била зависна од инсулин пред третманот. По трансплантацијата на матични клетки од нејзиното сопствено тело, таа сега самостојно произведува инсулин. Сличен успех е постигнат кај 59-годишен маж со дијабетес тип 2, кој исто така престанал да користи инсулин.
Иако овие третмани сѐ уште се во експериментална фаза, резултатите се охрабрувачки. Како што истакнуваат истражувачите: „Новата ера е пред нас во борбата против дијабетесот, која ветува решенија, а не само контрола на болеста“.

2. Вакцини против рак
Пандемијата покажа напредок со мРНА-вакцините. Сега таа технологија се користи за борба против ракот. Овие вакцини го тренираат имунолошкиот систем да ги препознае и да ги нападне клетките на ракот. Во август 2024 година започна првото клиничко испитување на персонализирани мРНА-вакцини против меланом, додека веќе се во тек испитувања за рак на панкреас, црева и други видови малигни тумори.
– Вакцините не само што можат да лекуваат туку и да дејствуваат превентивно, особено кај луѓе со висок генетски ризик од рак на дојка или јајници – рече тимот на истражувачи.
Оваа технологија исто така може да го спречи враќањето на ракот кај пациенти што веќе биле лекувани.

3. Вештачка интелигенција за рано откривање тумори
Напредокот на вештачката интелигенција го трансформира начинот на кој може да се дијагностицираат сериозни болести, како што се рак на белите дробови и тумори на мозокот. Системите за вештачка интелигенција веќе се користат во болниците во Обединетото Кралство, каде што ги анализираат рендгенските зраци и ги идентификуваат сомнителните промени што може да ги пропушти човечкото око.
– Се зголемува точноста на дијагнозата за 45 проценти и ефикасноста за 12 проценти, што значи побрз третман и подолг живот за пациентите – велат научниците.
Овие технологии се очекува да станат стандард во медицинската дијагностика низ светот во наредните години.

4. Телескопот „Џејмс Веб“ ги открива тајните на универзумот
Лансиран пред само две години, телескопот „Џејмс Веб“ веќе го револуционизира нашето разбирање за универзумот. Неговите моќни камери ни овозможија да видиме галаксии што постоеле пред 14 милијарди години, кога универзумот бил стар помалку од 300 милиони години.
– Првата ѕвездена светлина, која долго време се сметаше за свет грал на астрономијата, сега е на дофат – вели вселенската истражувачка Хана Девлин.
Не само што телескопот дава прекрасни слики туку ги менува и нашите теории за потеклото на универзумот, откривајќи галаксии и црни дупки што се многу поголеми и посветли отколку што се мислеше.

5. Проширување на обновливите извори на енергија
Транзицијата кон зелена енергија се забрзува низ светот. Според извештајот на Меѓународната агенција за енергија, во следните шест години проектите за обновлива енергија ќе напредуваат трипати побрзо отколку во претходната деценија.
Европа ова лето постави рекорд за производство на соларна енергија, што доведе до пониски цени на електричната енергија. Кина и Индија ја предводат глобалната транзиција кон чиста енергија, а се проценува дека Кина ќе има повеќе од половина од светскиот капацитет за обновлива енергија до крајот на деценијата.
– Овие достигнувања не само што ги намалуваат емисиите туку и создаваат постабилни енергетски системи за идните генерации – пишуваат медиумите.

Фото: Пиксабеј