Пештерите се лоцирани во Индија и се состојат од 29 пештерски храма што се издлабени во Аџанта. Изградбата се одвивала во две фази, во вториот век пред нашата ера (во времето на индиската династија Ставахана) и во петтиот век од нашата ера (во времето на династијата Вакатака).
Светот се запозна со нив во 1819 година, кога британски офицер по име Џон Смит во текот на лов на тигри случајно го открил влезот до пештерата (која денес е позната како пештера бр. 10). Еден од локалните овчари го довел до локацијата, а локалното индиско население одамна го познавало постоењето на ова место. Неколку децении подоцна, пештерите станале познати поради егзотичното опкружување, импресивната архитектура и уникатните ѕидни слики. Во 1848 година, британското Кралско азиско друштво започнало со истражување и расчистување на пештерите, притоа биле изработени и првите фотографии од пештерите.
Во внатрешноста на пештерите има фрески и скулптури што од страна на индиската влада се прогласени за најдобро зачувани примероци на индиската уметност, особено ѕидното сликарство. Тие содржат некои од најубавите будистички мурали во Индија. Во 1983 година беа впишани во списокот на УНЕСКО како светско културно наследство во Азија.
Областа каде што се сместени пештерите, во вториот век пред нашата ера била населена од будистички свештеници, кои во петтиот век од нашата ера биле принудени да се иселат поради притисокот на приврзаниците на хиндуизмот. Пештерите, внатрешните храмови и ѕидните слики биле целосно заборавени. Некои од истражувачите веруваат дека благодарение на тоа биле зачувани, бидејќи постоела можност од нивно намерно уништување од страна на приврзаниците на другите религии во Индија.
Пештерите се одликуваат со раскошно длабени влезови, а секој будистички храм бил уникатен и се одликува со оригинална внатрешност. Внатрешноста на пештерите каде што се сместени храмови е длабока и широка, секоја има ниша на ѕидот наспроти влезот, каде што се наоѓа скулптура на Буда.
Истражувачите веруваат дека повеќето од храмовите, околу дваесет, биле специјално издлабени во 475 година за локалните индиски владетели. Во овие пештери може да се вброи и т.н. пештера бр. 1, која се одликува со голема просторија во која биле извршувани будистичките ритуали, свештенички соби во кои живееле будистичките свештеници, како и будистички храм во кој се наоѓа скулптура на Буда.
Некои од ѕидните слики прикажуваат епизоди од животот на Буда, додека, пак, во влезот се издлабени два лика. Ѕидните слики се изработени во фрескотехника со подлога од гипс. Тонските градации на боите на телото создаваат илузија на тридимензионалност, а оваа синтеза е типична за индиската уметност во периодот гупта (320-600 година).
Неколку фрагменти од муралите (од пештерите бр. 10 и бр. 11) се уникатни од античкото сликарство во Индија и покажуваат дека во времето на Сатавахана, ако не и порано, индиските сликари совладале натуралистички стил.