Дебелината стана сериозен глобален проблем во последните децении, што значително влијае на здравјето на луѓето низ светот. Храната станува сè подостапна за сè поголем број луѓе, а начинот на живеење и навиките се менуваат така што внесуваме сѐ повеќе калории, а притоа трошиме сè помалку. Затоа, во последниве години, научниците ја истражуваат популарната диета позната како интермитентно постење, во која времето на внесување храна се менува со времето на целосна апстиненција од храна, и нејзиниот ефект врз слабеењето и телото.
Според Светската здравствена организација (СЗО), повеќе од 1,9 милијарда возрасни луѓе во светот имаат прекумерна тежина, додека повеќе од 650 милиони се дебели. Во САД над 70 отсто од возрасните мажи и околу 50 отсто од возрасните жени имаат прекумерна тежина. Во ЕУ околу 52 отсто од возрасните имаат прекумерна тежина, а 17 отсто од нив се дебели.
Веќе е познато дека мозокот и цревата се поврзани, односно дека на некој начин комуницираат и формираат еден вид оска во телото. Новата студија спроведена од кинески научници, во текот на 62 дена, на 25 доброволци со дијагноза на дебелина, покажа дека наизменичното постење не само што помага во слабеењето туку и ги менува функциите на мозокот и цревниот микробиом.
Интермитентно постење е режим на исхрана во кој периодите на постот и внесувањето храна се наизменични на различни начини.
Метод 16/8: вклучува прескокнување на појадокот и ограничување на дневниот период на јадење на осум часа, на пример од 13 до 21 часот. Потоа следува 16-часовен пост.
Јади-стоп-јади: овој метод вклучува постење 24 часа еднаш или двапати неделно. На пример, некој не јаде од вечерата во еден ден до вечерата следниот ден.
Диета 5:2: со овој метод се трошат само 500-600 калории во два непоследователни дена во неделата, додека во другите пет дена се јаде нормално.
Студијата и нејзините заклучоци
Во новата студија учесниците биле подложени на програма за слабеење што вклучувала внимателно следење на внесувањето калории и периодично постење. Резултатите се изненадувачки. Не само што учесниците изгубиле значително количество тежина – во просек околу 7,6 килограми или 7,8 отсто од нивната телесна тежина – туку научниците забележале и докази за промени во активноста на одредени региони на мозокот поврзани со зголемување на телесната тежина и промени во составот на цревните бактерии.
Кианг Зенг од Националниот клинички истражувачки центар за геријатриски болести во Кина, кога ги објави резултатите, рече дека нивната студија покажала дека „наизменичниот пост ја менува оската на човечкиот мозок, цревата и микробиомот“.
– Набљудуваните промени во цревниот микробиом и активноста во мозочните региони поврзани со зависност за време и по губење на тежината се многу динамични и поврзани со времето – додаде тој.
Во моментов сè уште не е јасно што ги предизвикува забележаните промени или дали цревата влијаат на мозокот или обратно. Меѓутоа, бидејќи цревата и мозокот се поврзани, научниците веруваат дека специфичното влијание на одредени делови од мозокот би можело да биде корисно за контролирање на внесувањето храна.
Двонасочна комуникација помеѓу мозокот и цревата
Ксијаонинг Ванг од Националниот клинички центар за геријатрија во Кина истакна дека се смета дека цревниот микробиом комуницира со мозокот на сложен, двонасочен начин.
– Микробиомот произведува невротрансмитери и невротоксини што стигнуваат до мозокот преку нервите и циркулацијата на крвта. Од друга страна, мозокот го контролира однесувањето во исхраната, додека хранливите материи од исхраната го менуваат составот на цревниот микробиом – објасни тој.
Лиминг Ванг од Кинеската академија на науките рече дека „следното прашање на кое треба да се одговори е кој е точно механизмот со кој микробиомот на цревата и мозокот комуницираат кај дебелите луѓе, вклучувајќи и за време на губење на тежината“.