На Академската сцена при Факултетот за драмски уметности во Скопје, хрватската писателка и драматург Јасна Жмак в среда, со почеток во 20 часот, ќе го изведе својот авторски перформанс „Ова е мојата вистина, кажи ми ја твојата“ (This is my truth, tell me yours). Гостувањето на Јасна Жмак во Скопје е дел од тринаесеттото издание на фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“, во организација на „Тиииит! Инк“.
Перформансот претставува личен и искрен авторски проект во кој Жмак го преиспитува својот однос кон уметничкото поле, отворајќи прашања за авторските позиции и нивната одговорност, како и за анксиозностите што ги носи творечкиот процес.
Појдовна точка е нејзиното лично искуство од 2011 година, кога за време на претставата „Мандиќ строј“ (MandićStroj’, поради истрел од сценски пиштол добива тинитус и хиперакузија – случка што подоцна станува основа за нејзиното истражување на начинот на кој уметноста директно влијае врз нашите животи и реалности.
Иако на прв поглед далечни, темите на тинитусот и патријархатот во претставата стануваат централни оски околу кои се гради изведбата – на границата меѓу стендап и перформативно предавање.
Жмак, која за првпат се појавува на сцена како изведувачка, нѐ води низ своите драматуршки и сексуални искуства, поставувајќи прашања за вистинитоста, репрезентацијата, партиципативноста и смислата на уметничкото творење во капиталистичкиот контекст.
Во октомври перформансот го освои гран прито „Мира Траиловиќ“ на меѓународниот театарски фестивал „Битеф“ во Белград. Таму беше нагласена неговата автентичност, прецизност и повеќеслојност, како и критичкиот и храбар пристап кон патријархалните и капиталистички структури во изведувачките уметности.
– Бевме воодушевени од спојот на нежност, дарежливост и искреност, а особено сакавме да ги истакнеме и поддржиме кревкоста и неуништливата содржина на оваа претстава – се наведува во одлуката на жирито.
Настанот се одржува со поддршка на „Квила тил Квина“, Амбасадата на Шведска во Северна Македонија и „Иквалити фаунд“.
Сите средства собрани од продажбата на билетите ќе бидат донирани за иницијативата „Супорт Кочани“.
Јасна Жмак е писателка, драматург и универзитетска професорка од Загреб. Таа предава на Академијата за драмска уметност и е авторка е на повеќе значајни изданија.
Жмак се издвојува во современата регионална уметничка и интелектуална сцена со храбриот пристап кон темите како авторство, род, сексуалност, уметничка одговорност и репрезентација. Опсегот на тие теми, од проза до театар, од документарно-автобиографски перформанси до психодрамска терапија, придонесува Жмак да биде исклучително влијателна во сферата на современата уметност и критичкото мислење.

































