По концертите во МКЦ
Две групи минатата недела настапија во МКЦ. Првата беше македонската надеж „Ниандра“, која почна да свири околу 21 часот и заврши до 21.30. Ова ново скопско експлозивно трио изминатиов период имаше свирка на „Ингејџ“, а потоа и во социјалниот центар „Дуња“, како и во „Валхала“ во Куманово. „Ниандра“ ни доаѓаат како дел од новиот музички бран што ја размрда и освежи домашната независна сцена во изминатите неколку години. Бендот е составен од Андреј, Бојана и Горазд.
По нив следуваа ѕвездите на вечерта, „Даикаију“, кои започнаа околу 22.40 часот. Тоа е четиричлена група што доаѓа од Хјустон, САД. Три гитари и тапани, без вокални солисти, гласен, но во суштина инструментален бенд.
Според најавата, „Даикаију“ се мистериозна појава на звук и слики за првпат забележани зимата 1999 година. Како бурни претставници на звучниот хаос, се инспирираат од звукот на брановите што удираат и создаваат музика на начин што влева шок и страхопочит кај сите што ги искусуваат нивните настапи во живо.
Стилот им е нешто помеѓу инструментален сур-рок (стил на музика што доаѓа од калифорнискиот брег) од 1960-тите години, помешан со оној панк што го изнедрија „Блек флег“ и „Дед Кенедис“. Таа мешавина на стилови го карактеризираше звукот на ѕвездите на вечерта, а значењето на името на групата „Даикаију“ доаѓа од јапонскиот термин што означува џиновско чудно чудовиште или мистериозно чудовиште. Многу од песните се посветени на јапонските теми за чудовишта, кои заедно со кабуки-маските што ги носат на лицата им даваат посебен шарм на нивните концерти.
За мистеријата околу членовите на групата да биде поголема се погрижија самите тие така што користат псевдоними: Тајниот Човек (гитара), Експлозивен Човек (тапани), Ултрадевојка (гитара), Пулс Човек (бас). Тие имаат издадено 12 албуми, сурф-музика без пеење и имаат култен статус во САД.
Концертот во МКЦ беше дел од нивната турнеја низ Европа, а претходно свиреа на „Д-фестивал“ во Дојран, ќе свират и на „Егзит“ во Нови Сад. И во МКЦ излегоа на бина со маските и си сработија рутински концерт пред публика од околу 150 посетители. Не беше ништо особено, ниту пак ја просветлија публиката, едноставно донекаде го задоволија гладот на македонската публика за гостувања на странски бендови.
Како и да е, во овие летни горештини дејствуваа како мало освежување со нивната сурферска музика.
Љупчо Давчев