Британски научници предупредуваат дека истурањето на остатоците од кафе во одводите може да има многу штетни последици за животната средина. Повод за насочување на вниманието кон овој проблем е казна во висина од 150 фунти што неодамна морала да ја плати една жителка на западен Лондон, откако во јавниот одвод истурила талог од кафе. Во Велика Британија секој ден се консумираат околу 98 милиони шолји кафе, а во целиот свет дури две милијарди дневно.
Сета преостаната течност од кафето мора да се фрли некаде, без разлика дали сте дома, на работа или брзате за автобус. Иако првото утринско кафе за многумина е својствен ритуал, истовремено може да биде и непосакуван удар врз животната средина кога се истура. Истурањето на талогот од една шолја не изгледа проблематично, но 98 милиони дневно истурени талози во одводите создаваат многу поголем проблем за реките и локалните екосистеми, особено со оглед на тоа што дополнителното количество го додаваме на веќе постојното во канализациите од домаќинствата.
Голем дел од Велика Британија функционира благодарение на комбинираниот канализациски систем, при што една цевка пренесува и дождовница од улиците и отпадни води од домаќинствата до уредите за прочистување на отпадните води. Затоа, колку повеќе кофеин влегува во овие цевки, толку повеќе тој може да ги избегне процесите и да стигне директно во реките. Шолјите за кафе содржат стотици хемиски соединенија. Покрај кофеин (со претпоставка дека не пиете кафе без кофеин), многу содржат млеко и шеќер, а некои и какао, зачини и други состојки. Кога станува збор за животната средина, најмногу ѝ штети кофеинот, бидејќи не се разградува ниту брзо ниту лесно.
Уличните канали се дел од нашиот водоводен систем. Не истурајте ништо во канализацијата што не треба да заврши во реките, езерата, на плажите или во морето. Тоа вклучува кафе или талог од кафе, течности на база на храна, масла, бои или топла маст, детергенти, белила, течности останати од градежни работи и слично. Сѐ што е наведено треба да се исфрли на законски пропишан начин или да се однесе во центрите за собирање отпад. На уличните канали треба да им овозможите да ја вршат својата единствена едноставна работа – да собираат дождовница, а не отпадни води. За жал, поради комбинираниот канализациски систем, во многу земји во светот нема голема разлика помеѓу истурање течности во мијалникот или во уличниот канал. Значи, она што е добро за вашиот уличен канал е добро и за вашиот кујнски мијалник и за околината. Ако ништо друго – бидете прагматични: талогот од кафе лесно може да го затне вашиот кујнски мијалник.
































