Годинава пребарувачот Гугл забележа осум и пол милијарди пребарувања дневно. Во категоријата вести, војната во Израел и Газа забележа најмногу пребарувања. Украина, очигледно, го презасити просторот на интернет и затоа ја нема во првите пет резултати од пребарувањето. На второ место е веста од јуни, за потонувањето на подморницата во близината на потонатиот брод „Титаник“.
Следува земјотресот во Турција и во Сирија. На четврто и петто место се ураганите „Хилари“ и „Идалија“.
Најпопуларна личност на Гугл беше американскиот фудбалер Дамар Хамлин, кој доживеа срцев удар за време на натпревар.
Зад него е актерот Џереми Ренер, чија ненадејна популарност на пребарувачот е поврзана со неговата несреќа, која едвај ја преживеа. Имено, над него поминала машина за чистење снег тешка седум тони. Тој успеа да закрепне, но очигледно немилите настани создаваат најмногу кликови.
Шакира е најпопуларниот музичар на Гугл. Смртта на актерот Метју Пери е на врвот на пребарувањата за починати лица. Следуваат пребарувања за смртта на Тина Тарнер, Шинејд О’Конор…
Од темите, најмногу пребарувања се однесуваат на рецесијата, инфлацијата, вредноста на недвижностите и економијата.