Славниот актер Алек Болдвин (64) ќе биде обвинет за убиство од небрежност поради смртта на снимателката Халина Хачинс во 2021 година на снимањето на филмот „’Рѓа“, објавуваат светските медиуми. Тој е еден од тројцата членови на филмската екипа кои се соочуваат со обвиненија за смртоносниот инцидент, соопшти обвинителството во американската сојузна држава Ново Мексико.
Помошникот-режисер на „’Рѓа“, Дејвид Холс, се изјасни за виновен за несовесно користење на смртоносно оружје. Во меѓувреме, Хана Гутиерез Рид, која била задолжена за оружјето на филмскиот сет, исто така е обвинета за убиство од небрежност.
Адвокатот на Болдвин, Лук Никас, истакна дека тој и неговиот клиент имаат намера да се борат против обвиненијата и да победат.
– Оваа одлука ја искривува трагичната смрт на Халина Хачинс и претставува пропуст на правдата – изјави Никас за британски „Индипендент“.
Одлуката доаѓа повеќе од 15 месеци по фаталното пукање во октомври 2021 година, што се случи кога реквизит-пиштол што го држел Болдвин испукал на снимањето. Еден куршум го погодил режисерот Џоел Соуза во рамото пред фатално да ја погоди Хачинс во градите.
Болдвин постојано негира дека сторил нешто лошо и тврди дека му било кажано оти пиштолот е „ладен“, што значи дека нема боева муниција и дека тој никогаш не го повлекол чкрапалото.
Пријател на Халина Хачинс изјави за британската телевизија „Скај њуз“ дека „се моли за одговорност“ во врска со обвиненијата против Болдвин.
Во меѓувреме имаше неколку тужби и контра-тужби поднесени од страна на филмската екипа на „’Рѓа“, бидејќи играта за обвинување и контра-обвинување се одвива на уникатен американски начин, според „Скај њуз“.
Но, овие обвиненија објавени од страна на окружниот обвинител во Санта Фе се првиот знак дека би можело да дојде до кривична постапка против Алек Болдвин и Хана Гутиерез-Рид, која била одговорна за оружјето на снимањето.
Болдвин признал дека го држел пиштолот кога бил испукан куршумот што ја убил Хачинс, но негира дека го повлекол чкрапалото. Сепак, неговата изјава е во спротивност со она што го откриле истражителите на ФБИ.
Полицијата вели дека разговарала и со други актери како дел од нивната истрага, кои посочиле дека секогаш проверуваат дали пиштолот има куршуми или бараат од некој друг да го стори тоа. Заклучокот е дека Болдвин бил невнимателен што не го сторил тоа.
– Пиштолот беше во неговата рака кога го повлече чкрапалото и тоа беше главната акција што ја уби Халина Хачинс. Ова е нешто повеќе од обична небрежност, тоа беа луѓе кои се однесуваа невнимателно, луѓе кои не ја вршат својата работа, луѓе кои не ги почитуваат безбедносните протоколи, не ги следат безбедносните стандарди и ги прекршуваат сите стандарди што сите ние треба да ги следиме ако имаме пиштол во наши раце – изјави окружната обвинителка во Санта Фе, Мери Кормак-Вајс, за американската телевизија „Ен-би-си“.
Болдвин и Гутиерез-Рид сугерираат дека инспекторите биле фокусирани на протоколот на чување на пиштолот, како и врз начинот на ракување со оружјето на денот на инцидентот.
Објавата за обвиненијата беше поздравена од семејството на Хачинс.
Нема најава дека е можно постигнување на спогодба на Болдвин со обвинителството во врска со пукањето, така што постојат можности да дојде до судење со порота, а актерот би можел да се соочи со затворска казна од 18 месеци доколку биде осуден.