Лицата со нелекувано оштетување на видот се изложени на значителен ризик да развијат деменција, покажа ново истражување.
Докторот Џошуа Ерлих и неговите колеги ги анализираа податоците од студијата од 2021 година, во која беа опфатени речиси 3.000 лица. На испитаниците, на возраст над 71 година, им беа дадени таблет-уреди со тестови за близок и далечен вид, како и чувствителност на контраст, а потоа беа подложени на тест за деменција, пренесува „Си-ен-ен“.
Од сите испитаници, 12,3 отсто покажале знаци на деменција. Кај лицата што боледуваат од далековидост, бројот скокнал на 19,5 отсто, 21,5 отсто кај кратковидите и дури 32,9 отсто кај лицата со тешки оштетувања.
– Студијата покажа дека дури и мало оштетување на видот може да го зголеми ризикот – вели д-р Ариел Силверман, директор на истражувања во Американската фондација за слепи.
Важно е да се напомене дека поради начинот на кој е дизајнирана студијата, истражувачкиот тим не може со сигурност да знае дали оштетувањето на видот е причина за деменција, туку само дека тие се поврзани.
– Деменцијата може да предизвика губење на видот или двете состојби може да се појават истовремено – рече Ерлих.
Постои слична корелација помеѓу губењето на слухот и деменцијата. Можно е оштетувањата да го намалат придонесот на нашите сетила, што може да доведе до одредена конфузија, која може да го забрза падот на когнитивните функции.
Ерлих советува што треба да направите во врска со тоа.
– Одржувајте грижа за видот. Покрај здрав живот, важни се годишните посети на лекар и очните тестови, а доколку откриете проблем, решете го – заклучи Ерлих.
Кога станува збор за оштетувањето на видот, се проценува дека повеќе од 80 отсто од случаите може да се решат. По прегледот, вашиот офталмолог може да препорача корективна процедура или едноставно да препорача диоптриски очила. Во случај на деменција, важни се превентивните мерки, а грижата за вашите сетила е лесен начин да се грижите за вашето когнитивно здравје.