Канадската компанија „Ајденерџи“ претстави нов хидрокинетички дизајн на турбина што ја собира енергијата од проточна вода и ја претвора во електрична енергија. Со оглед на тоа дека многу земји се обидуваат да се оддалечат од фосилните горива, постои потреба да се развијат методи за искористување на обновливите извори на енергија. За ова најчесто се користат турбини на ветер и соларни панели, но и двата система имаат ограничувања кога станува збор за генерирање енергија. Ветерните турбини зависат од брзината на ветерот, додека соларните панели не генерираат енергија речиси половина ден. Меѓутоа, турбините во вода можат постојано да генерираат енергија, без разлика дали е ден или ноќ.
Во минатото, употребата на плимни турбини беше поврзана со загрозување на живеалиштата на водните животни и вегетацискиот систем, но компанијата од Монтреал посвети особено внимание на тоа и се одлучи за роторот „дариус“, кој одговара на екосистемот, направен од алуминиум за лесно рециклирање.
Кога е на максимум, една турбина може да произведе 12 киловат-часа електрична енергија дневно и е поврзана со батерии што постојано се полнат. Дури и со намален производствен капацитет, турбините можат да обезбедат доволно електрична енергија за напојување апарати за домаќинството, како што се фрижидери, телевизори, компјутери и осветлување. Според производителите, една турбина може да произведе енергија колку 12 соларни панели, а освен тоа може постојано да работи.