Фото: Пиксабеј

Сувиот и ладен воздух што го вдишуваме спречува иритација на белите дробови со стимулирање на нервните завршетоци во носот и зголемување на протокот на воден секрет (слуз). Оваа слуз се меша со студениот воздух што го вдишуваме во носните шуплини, со што ги загрева дишните патишта.

Белите дробови „не сакаат“ ладен и сув воздух во текот на студените зимски денови, па затоа дишењето воздух низ носот го „подготвува“ воздухот за белите дробови. Кога температурите на воздухот се намалуваат во текот на зимските месеци, нашите носеви почнуваат „да течат“ – објави „Д Конверзејшн“ (The Conversation) во рубриката „Здравје“, а пренесе „РТС“.

Овој здравствен феномен го објасува Дејвид Кинг, професор на Универзитетот во Квинсленд, кој истакнува дека на помеѓу 50 и 90 проценти од луѓето им тече носот кога е ладно.

– Луѓето со астма, егзема и поленска треска имаат поголема веројатност да ги доживеат овие здравствени проблеми во текот на зимата, а состојбата се нарекува „ринитис предизвикан од настинка“ или „нос на скијач“ – вели Кинг.

Работата на носот е да го навлажнува воздухот што влегува во белите дробови. Кога дишеме воздух низ носот на ниски температури, температурата на задниот дел од носот е околу 26 степени Целзиусови, а влажноста е 100 проценти, без разлика колку е ладно надвор.

Фото: Пиксабеј

Како носот го загрева воздухот што го вдишуваме?

Студениот, сув воздух ги стимулира нервите во носот, кои испраќаат пораки по нервните влакна до мозокот. Мозокот реагира на овој импулс со зголемување на протокот на крв во носот, а проширените крвни садови го загреваат воздухот што поминува низ нив.

Студениот, сув воздух, исто така, ги стимулира клетките во нашиот имунолошки систем („мастоцити“) во носот. Овие клетки го активираат производството на повеќе течност во носот за да го направат воздухот повлажен. Според истражувањата, можеме да изгубиме околу 300-400 милилитри течност низ нашите носни патишта во текот на денот.

Губењето на топлината и водата се тесно поврзани: загревањето на воздухот во носните патишта значи дека обвивката на носната празнина (слузницата) станува поладна од внатрешната телесна температура. Во исто време, водата испарува и се претвора во пареа, која го навлажнува воздухот. Испарувањето на водата, кое бара големи количини на топлина, ја одзема топлината од носот, со што го прави постуден.

Како одговор, протокот на крв кон носот дополнително се зголемува, бидејќи задачата за затоплување на вдишаниот воздух има предност пред губењето на топлина од носот (нормалниот одговор на телото на студ е да ја пренасочи крвта од површината кон подлабоките садови за да се намали губењето на топлина од кожата). Тешко е да се постигне рамнотежа за да се постигне точната количина на губење на топлина и влага од носот.

Ладниот воздух може да предизвика затнат нос, па дури и кивање. Затоа марамчињата се неопходни.