Норвешка понуди големи области на морското дно на Арктикот за истражување на минералите и има намера да им додели лиценци на компании уште во првата половина на 2025 година, соопшти Министерството за енергетика. Норвешка на тој начин може да стане првата земја во светот што ќе започне со комерцијално подводно ископување со надеж дека ќе извлече минерали потребни за соларни панели, турбини на ветер и батерии за електрични автомобили.
– На светот му се потребни минерали за зелената транзиција и владата сака да истражи дали е можно одржливо да се извлечат минерали од морското дно на норвешкиот континентален гребен – рече министерот за енергетика Терје Асланд.
Прелиминарните официјални процени, според владата, покажуваат значителни акумулации на метали и минерали, кои се движат од бакар до минерали од ретки земји. Во јануари норвешкиот парламент гласаше за отворање околу 280.000 квадратни километри од морското дно за истражување минерали, што се протега од островот Јан Мајен до архипелагот Свалбард. Владата понудила површини што покриваат околу 38 отсто од одобрената површина и ги избрала врз основа на интересите во рударскиот сектор, како што соопшти Министерството за енергетика.
Екологистите имаат намера да ги оспорат плановите на владата на суд.
– Областа понудена за истражување е „шокантно голема“, со оглед на предупредувањата на научниците за можното влијание врз чувствителните екосистеми – нагласи „Гринпис“.
На планираното истражување се спротивставуваат и земји како Франција и Европскиот парламент, кои повикуваат на глобален мораториум за подобро да се проучи влијанието врз организмите во морските длабочини. Норвешката влада тврди дека почетната фаза на истражување ќе има минимално влијание врз организмите и дека компаниите ќе треба да добијат посебна дозвола за рударство.