Стриминг-сервисот Епл ТВ+ го објави првиот трејлер за својата нова серија наречена „Роар“. Станува збор за серијал од антологиски тип, во кој секоја од осумте получасовни епизоди има своја приказна. Никол Кидман води многу силна актерска екипа, која ги вклучува и Алисон Бри, Синтија Ериво, Бети Гилпин, Сајмон Бејкер, Ник Крол и Алфред Молина.
„Роар“ е адаптација на приказни од истоимената збирка на Сесилија Ахерн. Овие приказни претежно се жанровски различни и содржат голема доза црн хумор. Тие најмногу се занимаваат со положбата на жената во денешниот свет, покажувајќи ги на забавен начин сите проблеми со кои секојдневно се соочуваат припадничките на понежниот пол.
Во трејлерот се открива дека во фокусот на една од епизодите е жена што поради некоја причина јаде фотографии. Друга епизода го прикажува односот што една госпоѓа го има со патка, а има и епизода во која жена што очигледно е дух се обидува да го реши случајот со нејзиното убиство.
Зад оваа потенцијална хит-серија стојат Лиз Флахив и Карли Менш, кои веќе соработуваа на серијата „Глоу“. Како што веќе споменавме, антологиската серија „Роар“ ќе има осум епизоди, а секоја од нив ќе биде достапна на платформата за стримингот Епл ТВ+ од 15 април.