Ако барате нова тава или тенџере, подгответе се да бидете бомбардирани со термини како „нетоксични“, „без ПФАС“ и „без ПТФЕ“. Но тие етикети не мора да значат она што мислите. Популарниот бренд за садови за готвење „Хексклад“ плати спогодба од 2,5 милиони долари откако потрошувачите го тужеа затоа што неговите „нетоксични“ тави всушност содржеа хемикалија што може да испушта токсични испарувања. Загриженоста за безбедноста на садовите за готвење главно се врти околу класа на хемикалии познати како ПФАС, исто така наречени „трајни хемикалии“, бидејќи можат да се задржат во животната средина и во нашите тела со години. Некои ПФАС се поврзани со рак, заболувања на црниот дроб и доцнења во развојот кај децата. Денес околу нас има илјадници од тие хемикалии, а првата што стана позната беше тефлонот. Тој бил откриен случајно во 1938 година и станал најпознат како нелеплив премаз за садови за готвење.
„Нетоксичен“ е всушност маркетиншки термин, а не апсолутна гаранција, предупредуваат експертите. Првиот ПФАС што доби на важност беше тефлонот. Тој стана најпознат како нелеплив премаз за садови за готвење бидејќи е многу лизгав и стабилен. Откако ќе приготвите јајца во тефлонска тава, јајцата се ослободуваат, но тефлонот останува. Или барем тоа е идејата.
Металните садови за готвење или годините на абење можат да ги изгребат и излупат тавите, што може да предизвика дел од премазот да влезе во вашата храна, дури и ако не можете да го видите. Тефлонот е безбеден само до одредени температури – честопати се проценува дека се околу 260 Целзиусови степени. Покрај тоа, може да испушта пареа и, во ретки случаи, да предизвика болест што често се нарекува „тефлонски грип“, со симптоми како што се повраќање и висока температура.
Од овие хемикалии, најопасна е ПФОА, која постепено се отстранува од новите производи иако се користи во процесот на производство на тефлон со децении. Ако имате тава со нелеплива површина купена пред 2020 година (забранета е во ЕУ од 2020 година), постои можност да содржи остатоци од ПФОА и треба да размислите за нејзина замена.































