Фото: Пиксабеј

Домување

Голема грешка во дизајнот на кујната, која може скапо да ве чини, е покривањето на подот со погрешен материјал. Бидејќи кујните се простории во кои има голема раздвиженост, при изборот на подот треба да се земат предвид три важни работи: безбедноста, издржливоста и едноставноста во чистењето. Висококвалитетните подови ќе издржат истурање на течности и на храна, скршени садови, дамки и други незгоди при готвењето. Плочките се секогаш добро решение затоа што траат со години и можат да се мократ, но може и да се искршат ако ви падне тежок предмет, како тава или тешко тенџере, врз нив. Одлична замена за плочките се облогите од винил, ламинат или обоените дрвени подови – лесно се чистат, потопли и помеки се од плочките, па и полесно поднесуваат удари.
Секоја модерна кујна исто така треба да е опремена со квалитетни апарати – котел за вода, кафемат, тостер, блендер, фрижидер, микробранова печка и многу други. Токму затоа во кујната не треба да ви недостигаат приклучоци за струја, за да не мора да го исклучите на пример кафематот за да го вклучите тостерот. Таквите ситуации можат да бидат доста фрустрирачки, особено кога брзате на работа или на друго место и сакате да појадувате што е можно побрзо. Добро осмислената идеја околу распоредот и бројот на кујнски апарати ќе ви обезбеди полесна работа во оваа просторија од домот.
Сепак, имајте на ум дека постојат правила за безбедно поставување на приклучоците во кујната. Тие се поделени на такви што се поставуваат над работните површини, идеално 10-15 см над површината, и такви што се користат под елементите и се наменети за големи самостојни апарати. Затоа, многу е практично да инсталирате неколку двојни приклучоци со интегрирани УСБ-слотови, ако, на пример, сакате истовремено додека готвите да следите рецепт на мобилен телефон или на таблет.