Илон Маск ги отфрли наводите дека имал љубовна афера со сопругата на долгогодишниот пријател, коосновачот на „Гугл“, Сергеј Брин, негирајќи го тврдењето на „Волстрит џурнал“ околу врската која наводно ставила крај на бракот на Брин и на неговото пријателство со Маск.
– Јас и Сергеј сме пријатели и синоќа бевме на забава заедно! Никол ја видов само двапати во три години – и обата со многу други луѓе околу себе. Ништо романтично – напиша Маск на Твитер.
Брин, еден од најбогатите луѓе во светот, чијшто имот вреди околу 95 милијарди, дури и финансиски му помогнал на Маск за време на економската криза во 2008 година. Маск моментно важи за најбогат на планетата откако е проценето дека „тежи“ нешто повеќе од 253 милијарди долари.
Брин поднесе барање за развод од Никол Шанахан претходно оваа година, наведувајќи ги „непомирливите разлики“ како причина. Брин и Шанахан се во брак четири години и имаат ќерка. Тие се разделени од крајот на 2021 година. Шанахан бара милијарда долари од Брин.
Неодамна беше обелоденето дека Маск во ноември минатата година добил близнаци со Шивон Зилис, директорка во една од неговите компании, според објавени судски документи. Светските медиуми претходно објавија дека Маск исплатил 250 илјади долари на стјуардеса во неговата компанија „Спејс екс“ која го обвинила за сексуално вознемирување. Милијардерот ги негираше овие обвинувања.