Фото: Пиксабеј

Дали хобитите постоеле или само се плод на фантазијата? Постои дури и научно објаснување зошто биле мали, верувале или не. Имено, преку процесот наречен енцефализација, човечките мозоци еволуирале да бидат релативно поголеми отколку што би се очекувало според соодветната големина на телото. Антрополозите тврдат дека овој пропорционално поголем мозок им овозможил на нашите роднини да извршуваат посложени задачи како што се користење оган, ковење и ракување со алатки, создавање уметност и припитомување животни. Меѓутоа, овие теории биле отфрлени кога археолозите објавиле сознанија за нашите роднини, хомо флорезиенсис, кои живееле од пред околу 700.000 до 60.000 години во дождовните шуми на Индонезија, делумно истовремено со нашиот вид.
Именувани како хобити, тие биле ниски луѓе, високи нешто повеќе од еден метар и имале мозок со големина на шимпанзо. Ова откритие ја отфрли претпоставката дека големината на мозокот се зголемувал во текот на последните неколку милиони години и создаде конфузија околу тоа што ги разликува неодамнешните човечки роднини во родот хомо од нашите древни предци. Новото истражување на черепите и забите обезбедува нова теорија за тоа како хобитите еволуирале да бидат мали. Палеонтолозите располагаат само со ограничен скелетен материјал, понекогаш само неколку заба, за многу фосилни видови, вклучувајќи хомо флоресиенсис. Ако пропорциите на забите можат да дадат информации за големината на фосилниот мозок, тоа отвора свет на можности за процена на минатите промени во енцефализацијата.
Тесла Монсон, професор по антропологија на Универзитетот „Западен Вашингтон“, вели дека оваа врска им овозможува на истражувачите да дознаат нешто за големината на мозокот преку забите. Бидејќи забите главно се направени од неоргански материјали, тие преживуваат во фосилните записи многу почесто од другите делови на телото, формирајќи големо мнозинство од откриените палеонтолошки материјали. Научниците сега ја препознаваат врската помеѓу формирањето на мозокот и забите како нераскинливо поврзани за време на бременоста.