Опсежна меѓународна студија покажа дека нашето здравје е под влијание на 34.000 години стари гени, а резултатите од истражувањето се објавени во научното списание „Нејчр“.
Истражувачкиот тим се состоеше од 175 научници од 22 земји што се одговорни за најголемата светска база на податоци за човечка ДНК. За да го направат тоа, тие ги анализирале коските и забите на речиси 5.000 скелети што датираат од камената до бронзената доба, од викиншката доба до средниот век.
Еден од заклучоците е дека зголемениот ризик од мултиплекс склероза во Северозападна Европа може да им се припише на сточарите што дошле од исток пред 5.000 години. Всушност, одредени гени што го зголемуваат ризикот од мултиплекс склероза биле во телото на луѓето Јамнаја, кои мигрирале од делови на Украина, југозападна Русија и западен Казахстан во северозападните делови на Европа.
Меѓутоа, научниците претпоставуваат дека токму тие гени се одговорни за тоа што овчарите имале можност за преживување. Најверојатно ги заштитиле од инфекцијата што ја имале нивните овци и говеда.
– Овие резултати од истражувањето се зачудувачки. Тие претставуваат огромен напредок во нашето разбирање за еволуцијата на мултиплекс склероза и други автоимуни болести – рече Вилијам Бари од универзитетот „Кембриџ“.
Според ова истражување, разликата во висината на луѓето од северозападниот дел на Стариот Континент и оние на југот на Европа може да му се припише токму на народот Јамнаја. Овчарите придонеле оние на северозапад да бидат повисоки од оние на југ.
Утврдена е и поврзаноста на генетското условување на ризикот од дијабетес тип 2 и Алцхајмерова болест со потеклото на ловците собирачи од западниот дел на континентот. ДНК-анализата на праисториските жители на Евроазија покажала дека толеранцијата на лактоза (способноста да се вари шеќерот во млекото) се појавила пред 6.000 години. Способноста да се преживее со исхрана богата со зеленчук се развила пред 5.900 години, на почетокот на неолитот.
Ексе Вилерслев од Универзитетот во Копенхаген истакна дека резултатите од истражувањето не се однесуваат на сите 5.000 анализирани гени. Според него, дополнителните анализи ќе откријат повеќе за аутизмот, шизофренијата, биполарното растројство и депресијата, пренесува „Свисинфо“.