Мало дете од градот Портисхед, југозападна Англија, кое научило да чита на свои две години, е најмладиот член на Менса во Велика Британија.
Сега четиригодишниот Теди, исто така, може да брои до 100 на шест странски јазици, вклучувајќи го и мандаринскиот. Мајката на момчето, Бет Хобс вели дека тој научил да чита на само 26 месеци „гледајќи детски канали и повторувајќи ги буквите“ што ги гледал на екранот.
– Почна да ги следи зборовите на екранот, а кога тргна в градинка по укинувањето на Ковид-мерките, им кажавме на наставниците дека веруваме дека научил да чита. Наскоро ни се јавија на телефон и потврдија дека тој знае да чита – вели таа.
Тоа било само почетокот на воодушевувањето кај родителите на Теди.
– Потоа, тој свиреше на таблетот, испушташе некои звуци кои едноставно не ги препознавав, па го прашав што е тоа, а тој ми вели: „Мамо, бројам на мандарински – раскажува Хобс.
Неговите родители велат дека, сепак, сакаат Теди да има вистинско детство.
– Тој почнува да сфаќа дека неговите другарчиња сè уште не знаат да читаат и не разбира зошто. Нам ни е многу важно тој „да не лета во облаци“. Треба да разбере дека има некои вештини, но и дека некое друго дете, на пр., може да трча побрзо од него – секој има одредена дарба – вели Хобс.
Менса го признава членството врз основа на тест за интелигенција, каде што се потребни најмалку 98 отсто точни одговори на стандарден тест. Теди е примен во тоа здружение кога имал три години и сега тој е најмладиот член на тоа „високоинтелектуално друштво“ со седиште во Обединетото Кралство.