Ракописот што бил пронајден од Михал Хабданк-Војнич честопати е нарекуван најмистериозната книга во светот. Ракописот се состои од непознат јазик или шифриран текст, кој е придружен со илустрации со гротескни луѓе и украсен со растенија на рабовите на страниците. Стилската анализа покажала дека ракописот е создаден за време на италијанската ренесанса. Постојат повеќе теории за потеклото, авторството и целта на ракописот. Се состои од околу 240 страници, но има докази дека недостигаат дополнителни страници. Некои страници се преклопливи листови со различни големини. Повеќето страници имаат фантастични илустрации или дијаграми, некои грубо обоени, со делови од ракописот на кои се прикажани луѓе, фиктивни растенија, астролошки симболи итн. Текстот е пишуван одлево надесно

Занимливости

Ракописот бил проучуван од многу професионални и аматери криптографи, вклучувајќи и неколку американски и британски криптографи од Првата и Втората светска војна. Ракописот никогаш не е дешифриран и ниту една од многуте хипотези не е потврдена. Во 2020 година, универзитетот „Јејл“ го објави ракописот во целост на интернет, во библиотеката на своите дигитални збирки.
Секоја страница од ракописот содржи текст, главно на непознат јазик, освен исклучоците што се напишани со латинско писмо. Поголемиот дел од текстот во ракописот од 240 страници е напишан со непознато писмо, одлево надесно. Повеќето од буквите се напишани со еден или два едноставни потези. Постои спор за тоа дали поединечните букви се разликуваат или не, но би можело да се состави писмо од 20 до 25 букви и да се користи речиси за целиот текст; исклучок се неколку десетици поретко користени знаци, кои се појавуваат само еднаш или двапати во целиот текст. Дополнително, нема очигледна употреба на интерпункција.
Поголемиот дел од текстот е напишан во една колона во телото на страницата, со малку вовлечена десна маргина и поделен на параграфи, често со ѕвездички на левата маргина. Остатокот од ракописот се појавува во форма на графика, т.е. дијаграми или етикети за поединечни делови поврзани со илустрации. Нема индикации дека насекаде низ ракописот се направени какви било грешки или последователни корекции. Дуктусот (потезите за да се формира една буква) тече непречено и дава впечаток дека симболите не се шифрирани; нема заостанувања или празни места меѓу буквите, како што обично се очекува во пишаниот кодиран текст.
Текстот се состои од над 170.000 букви, со празни места што го делат текстот на околу 35.000 групи со различна должина, вообичаено наречени зборови или знаци за зборови, околу 37.919. Од овие зборови, 8.114 се сметаат за единствен тип на збор. Структурата на овие зборови е таква што постои голема можност да следат некој вид фонолошки или правописни закони; на пример, некои букви мора да се појавуваат во секој збор, некои букви никогаш не можат да следат други, некои можат да бидат двојни или тројни, додека други не можат итн. Распределбата на буквите во зборови е исто така многу чудна, но според некои обрасци: некои букви се појавуваат само на почетокот на зборот, некои само на крајот, а некои секогаш на средината.
Професорот Гонзало Рубио, експерт за древни јазици од Универзитетот во Пенсилванија, истакнал: „Нештата што ги знаеме како ’граматички маркери’ – нештата што вообичаено се појавуваат на почетокот или крајот на зборовите, како што се С или Д во нашиот (англискиот) јазик и се користат за изразување граматика, никогаш не се појавуваат во средината на зборот во ракописот на Војнич. Тоа е незамисливо за кој било индоевропски, унгарски или фински јазик“.
Многу истражувачи ги коментираа овие многу строго утврдени правила во структурата на зборовите. Распределбата на буквите во текстот е исто така чудна: хронологијата претставува чудни корелации меѓу европските јазици, делумно присутна и во кинескиот, како што покажува студијата на Стефан Вонфелт.
Некои зборови се појавуваат само во одредени делови или само на неколку страници; за разлика од нив, други го проникнуваат целиот ракопис. Има многу малку повторување меѓу илјадниците ознаки прикачени на илустрациите. Практично, нема зборови со помалку од две букви или повеќе од десет букви. Има случаи кога истиот заеднички збор се појавува и до трипати по ред. Зборовите што се разликуваат само за една буква исто така се повторуваат со необична фреквенција, поради што методот на единечна замена во дешифрирањето на азбуката неминовно води до создавање неразбирлив текст.
Различни азбуки за транскрипција беа измислени во обид да се изедначат знаците на Војнич со латинските букви, што дополнително може да помогне во криптоанализата; меѓу нив, најважен пример е т.н. европска Војничева азбука. Д.Ст.


Илустрации

Поголемиот дел од ракописот е поделен на шест различни според илустрациите, бидејќи текстот не можеше да се дешифрира. Секој дел содржи илустрации на различни стилови и текстуални објаснувања со соодветна тема,​ со исклучок на последниот дел со рецепти, во кој единствените „цртежи“ се ѕвезди блиску до маргината. Деловите со нивните конвенционални имиња и опис на содржината се:
Хербална секција: секоја страница содржи една или две илустрации на растенија и неколку параграфи текст. Овој формат е типичен за европските билки (сличен на хербариум) од таа ера. Некои делови од овие цртежи се поголеми и почисти копии на скици што може да се најдат во делот „фармацевтски“. Сепак, ниту едно од растенијата претставени на сликата досега не е идентификувано.
Астрономска секција: содржи кружни дијаграми, некои со сонца, месечини и ѕвезди, што укажува на астрономија или астрологија. Една серија од 12 дијаграми ги прикажува конвенционалните симболи на зодијачките соѕвездија (две риби за Риби, бик за Бик, ловец со стрела за Стрелец итн.). Секој од овие дијаграми содржи 30 женски фигури, распоредени во два или повеќе концентрични кругови. Повеќето од жените се барем делумно голи, а секоја од нив држи во левата или десната рака предмет што личи на обележана ѕвезда или нешто што е прикажано со ѕвезда закачена за предмет што може да биде некаков вид јаже или кабел.

Последните две страници од овој дел се изгубени (соѕвездија Јарец /23 декември – 20 јануари/ и Водолија /21 јануари – 18 февруари/; грубо кажано – јануари и февруари), додека соѕвездијата на Овен и Бик се поделени во четири спарени дијаграми, со 15 жени и по 15 ѕвезди во секоја. Некои од овие дијаграми се на страниците што се преклопуваат.
Биолошка секција: ова е густо збиен напишан континуиран текст, прошаран со фигури (најчесто мали голи жени, некои носат круни, се капат во базени или кади поврзани со разработена мрежа од цевки). Бифолиото се состои од фолија 78 (verso) и 81 (recto); формира интегриран дизајн, каде што водата „тече“ од една фолија во друга.
Космолошка секција: повеќе кружни дијаграми, но од нејасна природа. Овој дел има и преклопни делови; еден од нив, попознат како „Фолио на розети“, зафаќа шест страници и содржи мапа или дијаграм од девет „острови“ или „розети“ поврзани со „дајки“; на нив има замоци, како и нешто што може да биде вулкан.
Фармацевтска секција: многу обележани цртежи на изолирани делови од растенија (корени, лисја итн.), како и други предмети што личат на аптекарски тегли. Сликите се разликуваат по стил, од реални до фантастични прикази. Вклучени се и неколку параграфи, т.е. параграфи со текст.
Секција за рецепти: страници целосно покриени со текст, кој е поделен на помали параграфи, секој означен со ѕвездичка во близината на левата маргина.


Карактеристики на ракописот

Димензиите на ракописот се приближно 23,5 × 16,2 × 5 см. Содржи стотици страници напишани на велум, а потоа собрани во 18 листа (единици од 25 страници). Вкупниот број на страници е околу 240, а точниот број зависи од тоа како се бројат необичните преклопни делови од ракописот. Листовите се нумерирани од 1 до 20. Имајќи ги предвид честите прескокнувања во нумерирањето на листовите и страниците, голема е веројатноста дека во минатото ракописот имал најмалку 272 страници, преклопени на 20 листа, од кои некои веќе недостигале кога Војнич го открил ракописот во 1912 година. Постојат силни докази дека многу страници со бифолио (листовите преклопени на половина за да се направат две половини) биле преуредени во одредени моменти од историјата на ракописот и дека оригиналниот редослед на страниците можеби бил сосема поинаков од денешниот.
Радиојаглеродното датирање на примероци од различни делови на ракописот било извршено во 2009 година на Универзитетот во Аризона. Резултатите биле конзистентни со сите претходно тестирани примероци и укажуваат дека пергаментот бил создаден помеѓу 1404 и 1438 година. Тестирањето на протеини во 2014 година покажало дека хартијата (пергаментот) е направена од телешка кожа, а мултиспектралната анализа покажала дека била ненапишана пред создавањето на ракописот. Пергаментот е внимателно изработен, но има недостатоци и квалитетот, во најдобар случај, е просечен.
Корицата и повезот не припаѓаат на оригиналната книга, туку се датирани во времето кога ракописот бил во сопственост на Римскиот колеџ. Дупки од инсекти присутни на првото и последното фолио од ракописот (од тековен претпоставен редослед) укажуваат на тоа дека пред споменатите корици ракописот имал дрвена корица, додека обезбојувањето на рабовите укажува дека имало и исончани кожени внатрешни корици.
Многу страници содржат важни цртежи или дијаграми што се обоени со мастило во боја. Врз основа на современите анализи, со помош на технологијата за поларизирана светлосна микроскопија, утврдено е дека текстот и контурите на фигурите биле испишани со железно жолчно мастило; мастилото во боја се користело (донекаде грубо) за боење фигури, веројатно нешто подоцна од пишувањето текст и исцртувањето на контурите.

Мастилото на цртежите, текстот и броевите на страниците и листовите имаат слични микроскопски карактеристики. Енергетската дисперзивна рендгенска спектроскопија спроведена во 2009 година открила дека мастилото содржи големи количества железо, сулфур, калиум, калциум и јаглерод, како и бакар, а во некои случаи и цинк во траги. Истражувањата не покажале присуство на олово, но рендгенската кристалографија идентификувала калиум оловен оксид, калиум хидроген сулфат и сингенит во еден од тестираните примероци. Сличноста помеѓу мастилото на текстот и мастилото на цртежот укажува на истовремена креација
Сината, светлата (или белата), црвено-кафената и зелената боја на ракописите биле анализирани со помош на напредна технологија, вклучувајќи и скенирачка електронска микроскопија. Истражувањата покажале дека сината боја е природен азурит, со мали траги од бакар оксид куприт. Светлата боја е најверојатно мешавина од белка од јајце и калциум карбонат, додека зелената боја е карактеристична за бакар и бакар-хлор резинат; кристалниот материјал може да биде атакамит или друго соединение на бакар и хлор. Анализата на црвено-кафената боја покажала присуство на црвен окер со кристализиран хематит и железо сулфид. Мали количества на олово сулфид и палмиерит можеби биле присутни во црвено-кафената боја.
Компјутерскиот експерт Џорџ Столфи од Универзитетот во Кампинас истакна дека делови од текстот и цртежите се изменети користејќи потемно мастило над претходниот посветол текст. Доказите за тоа се видливи во различни фолии, особено во f1r, f3v, f26v, f57v, f67r2, f71r, f72v1, f72v3 и f73r.


Михал Хабданк-Војнич

Човекот што го пронајде ракописот

Михал Хабданк-Војнич бил роден во Литванија, тогаш дел од Руската Империја, во полско-литванско благородничко семејство. Студирал на универзитетите во Варшава, Санкт Петербург и Москва. Дипломирал на Московскиот универзитет по хемија и станал лиценциран фармацевт. Во 1885 година, во Варшава, ѝ се приклучил на револуционерната организација на Лудвик Варински, „Пролетаријат“. Поради револуционерната дејност бил испратен во Сибир, каде што стекнал познавање на осумнаесет различни јазици. Во 1890 година избегал од Сибир и најпрво се засолнил во Хамбург, а подоцна во Лондон. Таму го користел името Иван Келчевски и соработувал со рускиот револуционер и нихилист Сергеј Степњак, автор на книгата „Подземна Русија“, но по смртта на Степњак ја прекинал револуционерната дејност.
Во 1898 година отворил антикварница на плоштадот „Сохо“ во Лондон, по совет на Ричард Гарнет, куратор во Британскиот музеј. Пронашол ретки книги, вклучувајќи ја и библијата „Малерми“ во Италија во 1902 година. Отворил уште една антикварница во 1914 година во Њујорк, а во почетокот на Првата светска војна сѐ повеќе престојувал во Соединетите Американски Држави. Во 1917 година, врз основа на гласини, бил под истрага од ФБИ, во врска со неговото поседување на шифрата на Бејкон. Извештајот исто така истакнувал дека тој се занимавал со ракописи од 13, 12 и 11 век, а вредноста на неговите книги во тоа време била половина милион долари. Сепак, истрагата не открила ништо значајно, освен фактот дека тој поседувал таен код стар речиси илјада години.


Хипотези за авторството

Многу луѓе се предложени за можни автори на ракописот, но вистинската личност до денес останува непозната. Според едно писмо, кое се датира од 1665/1666 година, автор на ракописот е фрањевскиот монах и полимат Роџер Бејкон (1214-1294). Според друга хипотеза, автор на ракописот е Џон Ди (1527-1608), математичар и астролог од дворот на англиската кралицата Елизабета Прва.
Некои се сомневаа дека Војнич самиот го фабрикувал ракописот. Како препродавач на антички книги, тој веројатно ги имал потребните знаења и средства, а изгубената книга на Роџер Бејкон би вредела цело богатство. Меѓутоа многумина сѐ повеќе се потпираат на стручното датирање на ракописот и неодамнешното откривање на писмото на Бареш до Кирхер како факти што целосно ја елиминираат можноста за измислица на Војнич.​
Се претпоставува дека некои илустрации во книгата на италијанскиот инженер Џовани Фонтана имаат одредена сличност со илустрациите во ракописот Војнич. Фонтана бил запознаен со криптографијата и ја користел во своите книги, со исклучок што не го користел ракописот на Војнич, туку едноставно заменливо шифрирање. Во книгата „Secretum de thesauro experimentorum ymaginationis hominum“, напишана околу 1430 година, Фонтана ги опишал мнемоничките машини што се користат за неговото шифрирање.