Минатата година започна на висока нота, со неверојатната колекција на Глен Мартенс за Жан-Пол Готје и ѕвезденото деби на Метју Блази за „Ботега Венета“. Не можевме да се наситиме од стилот на црвениот тепих на младите ѕвезди, како што се Зендаја и Тимоти Шаламе. А кој може да го заборави и откривањето на трудничкиот стомак на Ријана? Додека гледаме напред, ги издвојуваме моментите што ја обликуваа модата минатата година според списанието „Вог“.
Трудничкиот уличен стил на Ријана
Ријана е кралица на уличниот стил. Така, кога дојде време да ја објави својата бременост, таа избра старинска пафер-јакна на „Шанел“ и накит на „Кристијан Лакроа“ и излезе на улиците на Харлем со својот партнер Ејсап Роки за да ја официјализира. Снимени од славниот папарацо-фотограф Дигзи и објавени на Инстаграм на 2 февруари, фотографиите практично го срушија интернетот. Истото тоа се случи повторно кога портретот од врвната фотографка Ени Лебовиц на суперѕвездата во костим од црвена тантела се појави на насловната страница на „Вог“ во мај.
Дебито на Метју Блази за „Ботега Венета“
Од многуте стотици колекции минатата година, фантастичното деби на Метју Блази во есента 2022 година за „Ботега Венета“ беше она што крена најмногу прашина. Колекцијата што следуваше по ненадејното заминување на претходникот на Блази, Даниел Ли (неодамна именуван за главен креативен директор во „Барбери“), се најде на листата со најгледани ревии таа сезона, заземајќи го шестото место. Модата го сака првиот пат, секако, но она што ја направи ревијата навистина интересна за гледање беше добрата волја на Блази. Тој беше многу ценет зад сцената со искуство во Келвин Клајн на Раф Симонс, Селин од ерата на Фиби Фило и Мејсон Марџела, како и во „Ботега Венета“ на Ли, додека оваа колекција не го направи новиот омилен лидер на модата.
– Идејата беше да се врати енергијата, силуетата што навистина изразува движење, бидејќи Ботега е компанија за торби, па одите некаде, не останувате дома. Оваа колекција во основа е патување – изјави Блази во тоа време.
Подемот на Глен Мартенс
Честопати се појавува дизајнер што ја доловува желбата на особено потресен начин. А 2022-та беше година на Глен Мартенс. Започна со вирални состаноци, во кои Џулија Фокс се дотеруваше во просторија полна со работата на белгискиот дизајнер за „Дизел“, насочувајќи го центарот на вниманието на повторното заживување на дизајнерот на италијанскиот гигант за тексас. Потоа дојде неговата неверојатна колекција за високата мода на Жан-Пол Готје, фустанот во кој се појави Џејда Пинкет Смит на „оскарите“, како и костимот на Кајли Џенер за Ноќта на вештерките, Невестата на Франкенштајн. Ријана, пак, облече голем капут со соодветни чизми до бутовите со неговата етикета Y/Project, но она за што најмногу се зборуваше беа парчињата со принт на тело како оптичка илузија од неговата соработка со Жан-Пол Готје.
Ексцентричниот изглед на Џулија Фокс
Џулија Фокс е една од најпознатите ѕвезди во 2022 година. Нејзиниот многу озборуван изглед на почетокот од годината траеше кратко, но таа успеа да остане кралица на насловните страници преку посебниот моден стил, особено преку својот откриен и ексцентричен изглед. Најпрво се појави во фармерки со низок струк, со исечен појас на фармерките, свртен наопаку и носен како горен дел, како топ; потоа во класична бела маица исечена и претворена во кроп-топ и здолниште. Погледнете ја и крпата за плажа што Фокс ја претвора во фустан на туторијал на Тикток. Всушност, профилот на Тикток на Фокс е тој што ѝ привлече некој вид култни следбеници, со луѓе што гледаат претходно непозната страна на сè освен мејнстрим-личности во центарот на Њујорк.
Живот во пластика (и розово)!
Која е музата за минатата година? Емили Ратајковски, Хејли Бибер и Зендаја се добри претпоставки, но според „Вог“, 2022 година ѝ припадна на Барби. Првите фотографии што се појавија од претстојниот филм на Грета Гервиг, со Маргот Роби како Барби и Рајан Гослинг во улогата на нејзиното момче Кен, го запалија интернетот, а нивните модни комбинации го монополизираа нашето внимание цело лето. Постојано зборуваме за девојките и инфлуенсерите, но Барби постои од 1959 година.
Фустанот на Мерилин на Ким Кардашијан го сруши интернетот
Темата на минатогодишната „Мет гала“ беше „Позлатен гламур“, а Ким Кардашијан секако го испорача тоа кога го носеше фустанот во кој Мерилин Монро му пееше „Среќен роденден, господине претседателе“ на американскиот претседател Џон Ф. Кенеди, на неговиот 45-ти роденден, во 1962 година. Фустанот беше продаден на аукција во 1999 година за над еден милион долари, како дел од продажбата на имотот на Монро во „Кристи“, потоа за огромни 4,8 милиони долари на аукциите на „Џулиен“ во 2016 година, а подоцна беше купен од Музејот на Рипли, кој ѝ го позајмил на Кардашијан. До денес го држи рекордот како најскап фустан продаден на аукција. Кардашијан го носеше вистинскиот фустан само додека се качуваше по скалите на музејот, а потоа носеше реплика до крајот на вечерта. Меѓутоа, изгледот беше најозборуван на церемонијата на „Мет гала“, при што некои се сомневаа во повторното облекување скапоцено парче од модната историја, а други го проблематизираа нејзиното драматично губење на тежината за да ја собере во фустанот. Сепак, многумина веруваа дека таа е поп-икона што може да ѝ парира на Мерилин.