Меморијата и работата на мозокот не се спортска дисциплина, но тие можат да се подобрат со физички вежби и спортски активности. Всушност, според една нова студија, само пет минути лесни физички вежби по која било студиска сесија може да ја подобрат вашата меморија.
Истражувачите од универзитетот „Нов Јужен Велс“ во Сиднеј, предводени од д-р Стивен Мост, спроведоа четири експерименти во кои учествуваа повеќе од 250 студенти на додипломски студии. Тие имале цел да ги тестираат сеќавањата на учениците пред и по пет минути вежбање, пренесува „Хелти“.
Во текот на сите четири експерименти се појави интересна шема, истражувачите забележале дека жените што правеле мала физичка активност откако научиле нешто имале повисоки резултати на тестовите за меморија од жените што не вежбале. Покрај тоа, вежбата беше најефикасна за подобрување на меморијата кога учесниците ја правеа по студиската сесија.
Меѓутоа, истиот тренд не важи за машките учесници. Д-р Мост шпекулира дека тоа може да има врска со тестот за препознавање лица, експериментите користени за мерење на нивото на меморијата, а кои вклучувале само машки лица. Ако жените подобро реагираат на машките лица, нивните реакции би можеле да влијаат на резултатите.
– Нејасно е дали станува збор за вистинска родова разлика или имало нешто во условите на експериментот што овозможило ефектот да се појави кај жените, а не кај мажите – вели д-р Мост.
Секако, во иднина ќе бидат потребни повеќе истражувања за да се утврди со сигурност дека вежбањето позитивно влијае на меморијата. Но, ова не е прва студија што воспоставува врска помеѓу вежбањето и меморијата; всушност, многу студии покажуваат дека физичката активност може да го подобри учењето.