Денеска во капелата на Градските гробишта Бутел во Скопје, најблиските, пријателите, колегите, почитувачите, се простија од познатиот македонски хуморист, имитатор, акцијаш, „маршал“, а пред се добар и хуман човек – Војче Китаноски.
Погребот, по негова желба, беше извршен во неговото родно село Крапа, за кое тој велеше дека е најубаво место на светот. Токму таму во родното место Војче првпат пред своите другари, но и пред возрасните го покажал својот талент да забавува и да имитира, мисија што ја извршуваше цели 50 години професионално.
Тој на луѓето им го разубавуваше животот, сакајќи да им покаже дека може да се чекори по сончевата страна на улицата.
А Војче кога смислуваше како тоа да го направи беше многу сеирозен и студиозен и нурнуваше длабоко во себе. Но кога беше пред својата публика, која му беше лојална сите овие години, е тогаш беше свој на своето. Тогаш немаше запирање и можеше со часови да кажува нови ангдоти, вицови, афоризми, имитации, да евоцира сеќавања, кои се запаишани и во неговите книги, кои се сведоштво на едно време, на она што тој го направил во текот на својата долга и успешна кариера, а тоа навистина не е малку.
Велат времето е најдобар тест за тоа дали нешто е вредно или не, а животната приказна на Војче Китаноски е доказ дека одбирајќи го потешкиот, понеизвесен пат на естрадни настапи тој не згрешил, иако имаше две дипломи, тој е дипломиран земјоделски инженер и лиценциран туристички равботник, бидејќи во континуитет цели 40 години беше актуелен и баран на македонската и на регионалната естрадна сцена.
Едноставно, како што му рекол своевремено на татко му, кој по дипломиртањето му нашол работа во Македонски Брод: „Не доаѓа предвид, мене Југославија ми е тесна, а ти сакаш тука да ме заробиш“, Војче секогаш сакал повеќе, подалеку, повисоко…
И не се плашеше од работа. Напротив. Бил учесник и ударник на голем број работни акции, а во последните неколу години ја играше, како што велеше неговата животна ролја, на многу настани го гледавме во ликот на маршалот Јосиип Броз Тито и во врска со тоа подготвуваше големи проекти, бидејќи едноставно не можеше да мирува.
За нив ни раскажа во своето последно интервју што го даде за „Нова Македонија“.
Постојано бараше некои нови предизвици. Во текот на својата плодна, кариера исполнета со многу настани, тој имаше мисија: да им ги расчистува матните мисли на луѓето и да им го разубавува животот и несомнено успеа во тоа. Најчесто кога го фотографираа, а и во обичен разговор, тој ги ширеше рацете, како сите луѓе да ги прегрнува со својата позитивна енергија.
Голем дел од професионалните ангажмани на Војче Китаноски им посв етил на децата и се до скоро беше редовен посетител на основните училишта низ Македонија и успеваше да го привлече и задржи вниманието на учениците, а се знае оној на кого тие му веруваат не мами, искрен е и се што прави, прави со љубов и посветеност!
Во својата над 40 години долга кариера, Војче Китаноски бил дел од многу хуманитарни концерти, секогаш подготвен да помогне.
Гостувањата низ Македонија, но и низ некогашна Југославија со најголемите естрадни ѕвезди го направија познат многу брзо и надвор од македонските граници, а за своите настапи добиваше и одлични критики во весниците.
За „Нова Македонија“ тој пред две години раскажа и за своето пријателство со Тома Здравковиќ, на чии концерт низ цела некогашна Југославија бил редовен гостин.
Настапил на над 3.000 манифестации, одржал исто толку претстави за деца,соработувал со сите културно-уметнички друштва, бил дел од педесетина турнеи кај нашите иселиници на сите континенти, снимил дестеина носачи на звук, одржал 12 солистички и три јубилејни концерти, издал четири книги…
По овие податоци за Гинис јасно е дека Војче Китаноски никогаш нема да биде заборавен.
За жал не ги дочека очекуваните награди, признанија, државна пензија, која секако ја заслужи… Но, има ли поголема награда од тоа цел живот да им го разубавуваш животот на луѓето и да ја враќаш насмевката на нивните лица.