Доделени наградите на Првиот меѓународен натпревар по пијано
Во Салонот 19:19 во Скопје свечено беа доделени наградите за најдобрите пијанисти на првиот меѓународен натпревар по пијано во Скопје „Пијано клавиш“. Наградите беа во седум категории, според возраста на пијанистите, а беа доделени и специјални награди од австриската и јапонската амбасада во Скопје, за најдобро изведени дела од австриски односно јапонски композитори, како и специјална награда од семејството Цанев за најдобро изведена композиција од реномираниот македонски композитор Благој Цанев.
Специјалните награди ги доделија австрискиот амбасадор Мартин Памер, јапонскиот амбасадор Отсука Казуја и претставничката на семејството Цанев, Татјана Цанева. Медалите за најдобрите по категории ги доделија уметничките директорки на „Пијано клавиш“, Ема Попивода и Светлана Димитриевска.
Во натпреварот учествуваа над 80 пијанисти од Македонија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и од САД, а за оценувањето беше задолжено меѓународно жири составено од еминентни професори и пијанисти: Ема Попивода, Светлана Димитриевска, Колос Цури и Катерина Ќетковиќ Фидановска од Македонија, Драгомир Братиќ од Србија, Данијел Ото од Хрватска и Илинка Манова од САД, со потекло од Македонија.
На свеченоста се одржа и концерт на апсолутните победници според категории, а настап имаше и јапонскиот амбасадор Казуја, со изведба на гитара на композицијата „Сакура, сакура“.