Објавена листа на најзагадените градови и земји во светот
Квалитетот на воздухот во светот продолжува да се влошува, а само во мал дел од градовите се смета за безбеден за здравјето. Според најновиот извештај за глобален квалитет на воздухот за 2025 година, објавен од швајцарската компанија за следење на загадувањето „Ај-кју-ер“, само 14 проценти од градовите низ светот ги исполнуваат препорачаните стандарди, што е понатамошен пад од 17 проценти една година претходно.
Анализата вклучуваше податоци од 9.446 града во 143 земји, региони и територии, а заклучокот е јасен: квалитетот на воздухот се влошува на глобално ниво, главно поради климатските промени предизвикани од човековата активност. Клучен фактор во 2025 година беа големите шумски пожари, чиј чад значително го влоши квалитетот на воздухот, заедно со песочните бури и другите екстремни временски настани поврзани со согорувањето фосилни горива.
И покрај овие ризици, само три европски земји – Андора, Естонија и Исланд – успеаја да останат во рамките на безбедните граници дефинирани од СЗО, на ниво од пет микрограми на кубен метар воздух во 2025 година. Глобално, само 13 земји и територии го исполнуваат тој стандард, што значи дека дури 91 процент од анализираните земји не ги исполнуваат препорачаните вредности.
На врвот на листата на најзагадени земји се Пакистан, Бангладеш, Таџикистан, Чад и Демократска Република Конго, со нивоа на честичките ПМ2,5 многупати повисоки од безбедните граници. Кога станува збор за градовите, ситуацијата е уште подраматична, а сите 25 најзагадени града во светот се наоѓаат во Индија, Пакистан и Кина. Индија е на врвот, со три од четирите најзагадени градови, вклучувајќи го и најлошиот – Лони во државата Утар Прадеш. Таму просечната годишна концентрација на честичките ПМ2,5 достигна 112,5 микрограми на кубен метар, што е над 22 пати повисоко од препораките на СЗО.
Главни причини за таквото загадување се сообраќајот, индустриските емисии, прашината од патиштата и неправилното отстранување на отпадот. На спротивниот крај од скалата е Њувудвил во Јужна Африка, со просечна концентрација од само 1 микрограм на кубен метар, што го прави едно од најчистите места во светот. Податоците за Европа покажуваат мешана слика. Во 2025 година, 23 земји забележаа зголемување на нивото на честичките ПМ2,5, додека 18 од нив забележаа намалување. Швајцарија и Грција се издвоија со зголемување на загадувањето од повеќе од 30 проценти, што се припишува на чадот од шумските пожари од Северна Америка и прашината од Сахара. Од друга страна, Малта забележа најголем пад на загадувањето, речиси 24 проценти, благодарение на долгорочните политики за преминување кон обновливи извори на енергија и намалување на емисиите од сообраќајот. Според податоците во реално време, европските метрополи како Париз и Лондон моментално се меѓу најзагадените градови во светот, што ја нагласува големината на проблемот.































