Мултимедијалниот настан „Уметност и музика“, во организација на Градскиот музеј во Крива Паланка, обедини различни уметнички изрази и им понуди разновидна креативна содржина на посетителите. Преку слики, графики, скулптури и инсталации во просторот, сето тоа придружено со музички перформанс на џез-составот „Гордан Спасовски трио“, беше сублимирана и прикажана уметничката работа на младите уметници од градот.
– Она што го правиме има цел да ја доближи уметноста до младите, до луѓето што ќе ги негуваат културата и уметноста на Крива Паланка и по нас и ќе ја шират низ универзумот – истакна директорот на Градскиот музеј, Драган Величковски.
На мултимедијалниот настан беше поставена изложба од делата на младите уметници што твореа под менторство на академските уметници Нела Јанковска и Анета Стојчевска – скулпторки, Роберт Цветковски – сликар и Стефан Младеновски – графичар.
– Публиката му дава посебна вредност и значење на творештвото, бидејќи уметноста, доколку нема посетители, ќе биде изолирана, како да не постои. Затоа, ви благодарам на сите што со вашата поддршка му давате посебна важност на овој настан – рече Ѓорги Костовски, историчар на уметност во Градскиот музеј во Крива Паланка.
Настанот е дел од „Кривопаланечко културно лето“ и од манифестацијата „Град на културата“.