Традиционалната годишна ревија на интернационалниот институт за мода „Изет Цури“, насловена „Модата и филмот“, се одржа во Кинотеката на Македонија. На изложбата ѝ претходеше модна ревија на истата тема пред киното „Милениум“ во ГТЦ.
– Без разлика дали сте само набљудувач или учесник во снимањето филм, едно е сигурно – модата на филмот и филмот во модната индустрија оставаат свој белег на вас, дури и ако не сте свесни за тоа. Во секој случај, станува збор за уметничка соработка во која сесрдно уживаат сите учесници, а како набљудувач секако може да уживате и вие. Токму едно такво посебно уживање ни нуди оваа година традиционалната годишна ревија на интернационалниот институт за мода „Изет Цури“, насловена како „Модата и филмот“ – велат од институтот.
Преку осмислените дизајни на студентите, кои реферираат на култни изгледи на одредени значајни филмови, во овој своевиден моден спектакл имавме можност повторно да запловиме низ емоциите што ни ги будат овие препознатливи сцени.