Младите Германци се акутно ранливи на чувството на осаменост во современото општество, покажа новото истражување, а германската влада започна кампања за да го истакне проблемот.
– Кој знаеше дека помладите се меѓу најосамените по коронавирусот, ова сознание конечно заслужува внимание. Треба сериозно да ја сфатиме осаменоста, вклучувајќи ја и онаа на младите, и да преземеме акција – рече по тој повод министерката за семејни прашања Лиза Паус.
Според студијата на фондацијата „Бертелсман“, речиси половина од луѓето на возраст од 16 до 30 години во Германија се чувствуваат осамено. Повеќе од една третина (35 проценти) од 2.532 испитаници во оваа возрасна група рекле дека се „умерено“ осамени, додека 10 проценти рекле дека се „многу осамени“. Како одговор на ова прашање, започната е кампања поддржана од владата наречена „Заедно надвор од осаменоста“, со различни настани низ целата земја. Во споредба со студиите спроведени во 2021 и 2023 година, малку помалку млади луѓе сега изјавуваат дека се социјално и емоционално осамени. Осаменоста веќе не ги погодува само постарите луѓе, а високото рангирање на младите во процената на осаменоста бара преиспитување, истакнуваат авторите на студијата.
– Осаменоста повеќе не е феномен што ги погодува само постарите луѓе. Во последниве години стана јасно дека младите стануваат нова ризична група – вели Ања Лангнес од фондацијата.
Одамна е познато дека осаменоста е исто толку штетна како на пример пушењето, дебелината или загадувањето на воздухот, сепак помалку е познато дека тоа има и индиректно негативно влијание и врз демократијата.
– Оние што ја губат довербата во општеството ја губат и довербата во демократијата, се намалува политичкото учество, како и волјата за глас – рече министерката, тврдејќи дека осаменоста е потценета појава.